48-ма седница на Владата на РМ: усвоен предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите; усвоена информацијата за реализација на препораките на ГРЕКО; именувани нови директори на Државните инспекторати

 

Владата на Република Македонија го разгледа и утврди текстот од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите и го достави до Собранието на Република Македонија на понатамошно усвојување. Со овој Предлог-закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област, се обезбедува поголема заштита на укажувачите со што Владата на Република Македонија јасно ги потврдува политиките на борба со корупцијата.

Претседателот на Владата, Зоран Заев во насока на преминување во делот 9, од планот 3-6-9, на владината седница најави дека до крајот на јануари ќе се формира ново тело „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за период 2017 - 2022“ со кое ќе претседава лично тој.

Воедно премиерот Заев, на 48 седница јавно им се заблагодари за завршената успешна работа на членовите на Советот за реформи во правосудството кој работи во рамките на Министерството за правда, и кои активно работеа на изработка на Стратегијата како обврска предвидена во деловите 3 и 6 од планот 3-6-9.

На предлог на Министерството за надворешни работи на денешната владина седница се разгледа и усвои предлог законот за ратификација на дополнителниот протокол 5 на Договорот за изменување и пристапување на Централно европскиот договор за слободна трговија за што беше посочено дека претставува обврска којашто произлегува од Самитот на Западен Балкан којшто се одржа во Трст, а чијашто имплементација ќе влијае позитивно на трговската размена на земјата со земјите од регионот, од ЦЕФТА и земјите од ЕУ.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на препораките на ГРЕКО (Група на држави против корупција) на Советот на Европа дадени со Извештајот за евалуација на Република Македонија – Четврт круг, на тема: „Превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и обвинителите“ - и го задолжи Министерството за правда да го достави до ГРЕКО вториот ситуациски извештај - со кој ќе информира за целокупниот прогрес во однос на реализацијата на препораките.

Министрите ја разгледаа информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка 2018“ за што беше оценето дека е постигнат значаен придонес во интензивирањето на активностите поврзани со напорите за полноправно членство на земјата во НАТО.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за потреба на прием во редовен работен однос на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија и беше донесен заклучок со кој се задолжуваат Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии и Дирекцијата за заштита и спасување за навремено изнаоѓање решение за потребата од ангажирање на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување.

Владата на Република Македонија донесе и неколку кадровски решенија и именуваше неколку нови директори на државни инспекторати. За директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Владата го именуваше Ејуп Јахја, за директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Сеад Садуковски и за директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски. Воедно на денешната владина седница Владата на Република Македонија го замени Генералниот секретар Драги Рашковски, од позицијата претставник на Владата во Акционерското Собрание на Телеком и на таа позиција ја назначи Тања Чачарова Илиевска, советник за правда во канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија.

За претставници во Советот на Јавната научна установа Институт за македонска литература Владата ги назначи Димка Митева, Љубица Станковска и Владимир Мартиновски.