Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во официјална посета на Република Македонија

 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, денеска, во вечерните часови, пристигнува во дводневна официјална посета на Република Македонија. Генералниот секретар Столтенберг и високата делегација на НАТО, за време на посетата ќе остварат средби со државниот врв на Република Македонија, како и со лидерите на дел од партиите застапени во Собранието на Република Македонија.

Официјалниот дел од официјалната посета на Генералниот секретар Столтенберг и делегацијата на НАТО започнува утре (четврток, 18 јануари) со средбата со министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија, Никола Димитров (09:00 ч.), по што ќе следува и пленарниот состанок меѓу делегацијата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и делегацијата на НАТО. Претставници на медиумите ќе имаат можност за фотографирање и видео инсерти на почетокот на средбите.

Програмата на официјалната посета на Генералниот секретар Столтенберг потоа предвидува прием за гостите во кабинетот на Претседателот на државата Ѓорге Иванов (09:45 ч.), по што делегацијата на НАТО ќе се упати кон Министерството за одбрана.

Средбата меѓу Заменик претседателката на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе се одржи во 10:30 часот. Претставници на медиумите ќе имаат можност за фотографирање и видео инсерти на почеток на средбата и за групна фотографија по завршување на средбата.

По настанот во Министерството за одбрана, Генералниот секретар на НАТО и неговата делегација ќе ја посетат Канцеларијата за врски  на НАТО, и потоа ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, на средба со Претседателот на Собранието, Талат Џафери (11:45 ч.).

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе има свое обраќање пред пратениците во собранието (12:05 ч.), по што ќе следуваат одделни средби со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и на ДУИ, Али Ахмети.

Официјалната церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести по повод официјалната посета на делегацијата на НАТО предводена од Генералниот секретар Јенс Столтенберг, во организација на Владата на РМ, ќе започне во 15:00 часот.

Високиот гостин на НАТО и делегацијата ќе ги пречека Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и висока владина делегација, по што ќе следува тет-а-тет средбата на премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО Столтенберг.

Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата на РМ, програмата предвидува и пленарни разговори помеѓу владина и делегацијата на НАТО.

Завршниот настан од оваа официјална посета на високата делегација на НАТО предводена од Генералниот секретар на Алијансата е заедничката прес-конференција на премиерот Заев и на Генералниот секретар Столтенберг која ќе се одржи во Владата на Република Македонија во 15:50 часот.