Премиерот Заев на заедничка прес-конференција со Столтенберг: Подготвени сме за достоинствени решенија, членството во НАТО и ЕУ е клучна перспектива за граѓаните на Република Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и високата делегација на алијансата, во рамките на официјалната посета на Република Македонија, денеска беа пречекани со церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести во Владата на Република Македонија, при што химната на НАТО, за прв пат откако е усвоена, беше изведена во живо од воен оркестар.

Високиот гостин и делегацијата на НАТО ги пречека Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, по што ќе следуваше тет-а-тет средбата на премиерот Заев и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата на РМ, се оствари и пленарна средба помеѓу владина и делегацијата на НАТО.

На оваа средба Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го информираше Генералниот секретар Столтенберг за текот на реформските процеси во земјата во насока на обезбедување независно судство и владеење на правото, независни медиуми, заштита на човековите слободи и права.

- Работиме на решавање на спорните прашања што се наоѓаат на патот на Македонија кон НАТО и подготвени сме да ги решиме на достоинствен начин, низ национална заедничка стратегија, истакна премиерот Заев на средбата.

Од страна на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, на средбата беше изразена поддршка за конструктивните политики и реформските процеси што ги водат премиерот Заев и Владата, коишто, како што е оценето, ги отвораат вратите на НАТО за Република Македонија.

Како завршен настан на официјалната посета на високата делегација на НАТО предводена од Генералниот секретар на Алијансата Столтенберг се одржа и заедничката прес конференција на премиерот Заев и на Генералниот секретар на НАТО.

Пред големиот број новинарски екипи од земјата и регионот, премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг ги изнесоа своите впечатоци и поенти од разговорите и средбите во Владата на Република Македонија.

Премиерот Заев истакна дека посетата на Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и на неговата делегација, се вистинско охрабрување и поддршка на нашите очекувања дека 2018 година ќе биде историска година за Македонија и за регионот, но и за НАТО и Европската Унија.

- Истовремено, не можеме да не го изразиме нашето задоволство од обновениот интерес на НАТО за Западен Балкан, во еден особено значаен и чувствителен геостратегиски момент. Време е да го внесеме во завршница процесот за интеграција на сите земји од регионот што сакаат да бидат дел од семејството на северно-атлантската алијанса. Ние сме подготвени да работиме заедно во остварувањето на таа цел – нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потенцираше дека нашата земја од корисник на безбедност, за кратко време прерасна во доверлив и компатибилен партнер на Алијансата, и дека активно учествува во мировните операции на Алијансата низ светот.

Премиерот Заев нагласи дека Владата на Република Македонија создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти: Со Претседателот на државата и со опозицијата, за забрзување на нашата интеграција во НАТО.

- Активно и посветено создаваме амбиент за надминување проблемот што го има Република Грција со името на нашата држава. Верувам дека создадовме добар моментум за последниот заеднички исчекор. Искрено очекуваме Република Македонија да биде 30-тата земја членка на Алијансата. Работиме за таа цел, заедно со граѓаните и со сите наши партнери, земји членки на НАТО! Тоа се перспективите за граѓаните на Македонија, како и за сите граѓани во регионот – истакна премиерот Заев на заедничката прес конференција за новинарите со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пред многуборјните новинари пренесе дека за Брисел е инспиративен напредокот во Македонија, направен од ланската политичка криза, низ реформските чекори што се преземаат и добрососедските односи, на што е резултат договорот со Бугарија.

Тој ја поздрави и определеноста на Владата за решавање на долгогодишниот спор со Грција, како и учеството во НАТО мисиите. Ова, како што е оценето докажува дека Република Македонија заслужува да биде земја членка на Алијансата, за што Владата и Република Македонија имаат поддршка, со охрабрување да се заокружат реформските процеси и да се затворат отворените прашања, низ покажана одговорност и сериозност од страна на сите политички субјекти во државата.

Премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг потоа одговараа на новинарски прашања при што уште еднаш беше истакнато дека во фокусот на наредниот период треба да биде позитивната завршница на преговорите за единственото отворано прашање исправено пред примето на Република Македонија во НАТО алијансата.

Тоа што го направи Република Македонија во изминатите седум месеци е инспирација за сите земји во регионот и дека сите земји членки на НАТО овие постигнувања ги вреднуваат позитивно и дека се насочени во востинската насока, беше истакнато во завршницата на прашањата на новинарите на прес конференцијата на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.