Премиерот Заев со интензивна програма на учество во Давос, средба и со премиерот Ципрас

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, од 24 до 26 јануари, ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, на кој оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот.

Премиерот Заев, во среда, на 24 јануари ќе се сретне со Премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас.

Како дел од активностите, Претседателот на Владата на Република Македонија ќе оствари средба со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Средбата е планирана да се оствари на 26 јануари, во петок.

Истиот ден во агендата на премиерот Заев е и средбата со директорката за Европа на Светскиот економски форум, Мартина Ларкин.

Во текот на овој работен престој на Светскиот економски форум во Давос, премиерот Заев ќе ги проследи специјалните обраќања на Емануел Макрон, претседател на Франција, Жан Клод Јункер, претседател на Европска Комисија, Тереза Меј, премиерка на Велика Британија, Бенџамин Нетанјаху, премиер на Израел, и Ангела Меркел, канцеларка на Сојузна Република Германија.

Премиерот Заев ќе учествува во панел дискусии и работни средби со економски лидери од светот и со други високи гости од регионот, ЕУ и САД на следниве теми: Новите лидери на Европските средби (New Leaders for Europe meeting), Креирање на споделена иднина во поделениот свет (Creating a Shared Future in a Fractured World), Прозорец на можности за Европа (A Window of Opportunity for Europe), и Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан (Accelerating the Long-term Development of the Western Balkans).

За време на престојот во Давос, премиерот Заев ќе оствари и повеќе други работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.