Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 50-та седница

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна, 50-та седница, при што на дневниот ред како прва точка се најде програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија што ги презентираше амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Иван Великов Петков.

На седницата на владата во рамките на оваа точка свое обраќање имаше и шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар.

Двајцата амбасадори ги поздравија актуелните политики на Владата на РМ во однос на европските интеграциски процеси и нагласија дека очекуваат и понатаму во политиките на Владата на РМ да доминира политичка мудрост, како и одржување на напорите за национално единство за решавање на важните прашања во оваа фаза на пристапувањето на земјата во евро-атлантските иницијативи.   

На денешната седница на владата учествуваше и делегација на Банката на Советот на Европа која ги презентираше опциите за активирање на изградбата на Универзитетскиот клинички центар (УКЦ), со вклучени експертски мислења за предвидените опции и алтернативи во однос на локацијата на УКЦ.

На седницата беше искажана јасната определба на Владата на Република Македонија дека ова е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградба на Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ да биде донесена наскоро. Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за состојбите и напредок во процесот на европската интеграција, како и за статусот на користењето и имплементацијата на фондовите од ЕУ за 2018 и  2019 година.

На оваа, 50-та редовна седница, владата ги разгледа и усвои годишните програми за работа и финансиските планови за 2018 година на повеќе јавни претпријатија, на акционерски друштва и агенции во државна сопственост, како и на други владини органи и тела, со сугестии за посоодветно издвојување на приоритетите и пофункционална распределба на одобрените буџетски средства. 

Како дел од овие точки владата да ги разгледа Финансискиот план, Годишната инвестициска програма и Годишниот план за јавни набавки на АД Електрани на Македонија, во државна сопственост, Скопје, за 2018 година. 

Владата посебно го поздрави делот Годишната инвестициска програма на АД ЕЛЕМ, со кој се издвојува посебно поглавје за екологија во кое е вклучена финансиската ставка за реконструкција на електростатски филтри и за намалување на емисии на прашина во РЕК Битола, како и определбата за развој на капацитети за обновливи енергии, односно изградбата на фотоволтаични електрани и ветерни електрани, со предвидени финансиски средства за нивна изградба.

На денешната седница е усвоена и програмата за работа на Владата на Република Македонија во 2018 година со вградените предлози и рокови содржани во мислењето на Секретаријатот за европски прашања во однос на усогласување со Националната Програма за усвојување на Правото на ЕУ и планот 3-6-9, како и мислењата, предлозите и иницијативите на сите надлежни министерства и други органи на државната управа. Програмата за работа на Владата на РМ за 2018 година е во функција на остварување на стратешките приоритетни цели за 2018 на Владата на Република Македонија содржани во Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 година и ги вклучува приоритетите за развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните; процесите за членство во НАТО и Европската Унија; активностите и мерките за одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата; владеење на правото и изградба на независни институции; реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија; реформи во правосудството, како и целосно спроведување на начелата на Oхридскиот рамковен договор, градење граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување. 

На предлог на Министерство за финансии владата денеска ја усвои и информацијата за Програмата на Економски Реформи  2018 – 2020 година, како и Годишниот извештај за функционирање на системот на јавна внатрешна финансиска контрола за 2016 година.

Во однос на оваа точка, функционирање на системот на јавна внатрешна финансиска контрола, членовите на владата констатираа слабости во однос на работата на внатрешните ревизии и контрола на јавните финансии на централно и локално ниво, и е усвоен заклучок да бидат преземени соодветни и поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошењето на јавните финансии.

На предлог на Министерството за економија, Владата на РМ на денешната седница одобри повеќе програми како програмата за поддршка на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година и  Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги предложи, а владата ги усвои програмите за финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој за 2018 година, како и повеќе други програми од сферата на земјоделието, шумарството и водостопанството.

На денешната седница владата да ја усвои Програмата за унапредување на животната средина за 2018 година, како и програмата за инвестиции во животната средина за тековната година.

Министерството за здравство на денешната седница на владата достави на усвојување повеќе програми за работа за 2018 година, меѓу кои Национална годишна програма за јавно здравје во Република Македонија за оваа година, Програмата за рана детекција на малигни заболувања во Република Македонија, Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Македонија, Програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности, Програма за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и едукација за третман и контрола на дијабетес,  Програмата за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализација, односно супспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници вработени во приватни здравствени установи, други правни лица и невработени, Програма за лекување на ретки болести, како повеќе други програми. 

На предлог на Министерството за образование и наука, владата денеска ја усвои информацијата за воведување нова стипендија за студенти за наставен кадар за основно образование уште од првата година на студиите во висина од 6000 денари. 

Покрај оваа мерка за унапредување на квалитетот на наставните кадри во основното образование, владата денеска на предлог на МОН Владата ја усвои Програмите за ученичкиот и студентскиот стандард за 2018 година, и  Програмата за научно-истражувачката дејност за оваа година, како и програмите за изградба и реконструкција на средни и основни училишта.

Министерството за образование и наука пред членовите на владата достави Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование. Предлогот за измени на законот се однесува на можноста за брза корекција на утврдените грешки во учебниците, како и на можноста на конкурсите за учебници освен домашните автори да учествуваат и издавачите кои ќе имаат можност предлагаат адаптирани учебници од странство доколку тие ги исполнуваат критериумите на МОН.

На денешната седница е усвоена Програмата зa рамномерен регионален развој во 2018 година на Бирото за регионален развој и на Министерство за локална самоуправа.
Владата денеска ги усвои двете информации на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за давање на согласност за распишување на јавни огласи за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари и над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање.

На предлог на Министерството за култура денеска е усвоена информацијата за прогресот на активностите во однос на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион која се однесува на активностите за реализација на постоечките инфраструктурни проекти во овој регион, како и на оние кои се планирани во рамките на Коридорот 8. 

На денешната седница владата ја разгледа и усвои информацијата за превземените активности и предлог мерки за надминување на проблемот на лицата кои не поседуваат лична документација.

Министрите денеска го одобрија договорот за доделување на државна помош на Друштвото за производство, трговија и услуги Џагатај Кабло Отомотив Електрик Системлери ДООЕЛ Илинден, како прв од овој тип според новите мерки за поддршка на странските инвестиции предвидени со Планот за економски раст на Владата на РМ.
На денешната седница владата му препорача на Министерството за финансии, сектор трезор, да постапи согласно претходната пракса и позитивните законски прописи и да го овозможи отчитувањето на буџетите на општините Бутел, Тетово, Гостивар, Теарце и Чаир, кои заради неизборот на претседатели на советите, не се во можност да ги реализираат своите финансиски обврски.