Премиерот Заев по политичка координација за иницијалната рамка на Нимиц: Процесот бара инклузивност и одговорност со цел градење национален консензус, тоа им го должиме на граѓаните

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Вечерва имавме информативна средба на политичките претставници на која беа презентирани и дискутирани предложените идеи од медијаторот Нимиц, после што разменивме информации и мислења и за разговорите меѓу мене и премиерот Ципрас.

Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговороност со цел градење национален консензус во Република Македонија. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ. За да ги оствaриме овие цели неопходна е вклученост на Владата, опозицијата, Претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија.

За тоа е потребна политичка волја и храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и на грчката страна.

Интеграцијата, заедно со реформите и економските мерки се клучни за подобар живот на сите граѓани во Република Македонија.

Им го должиме тоа на граѓаните и затоа ние, како Влада на Република Македонија ќе продолжиме да разговараме со сите политички чинители дома, како и со политичките претставници на Република Грција.

Благодарам.