Средба на премиерот Заев со претставници на Националната алијанса за локален економски развој – НАЛЕД: Отворена е можност за владина и институционална соработка на регионално ниво, за поддршка на економскиот развој на општините

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, попладнево се сретна со Виолета Јовановиќ, извршна директорка на Националната алијанса за локален економски развој од Србија – НАЛЕД, и други претставници на НАЛЕД.

На состанокот се разговараше за можноста, НАЛЕД, како неформална мрежа за соработка на земјите од регионот на полето на локалниот економски развој, да прерасне во регионална организација чиишто основачи се владите на земјите од регионот, а членки би биле институции и организации, релевантни за бизнис опкружувањето на локално ниво.

Главната цел е да се воспостават регионални стандарди за бизнис инвестиции, или BFE SEE – Бизнис пријателска средина во Југоисточна Европа, како и размена на искуства и знаења, со цел подобрување на инвестициската клима во општините на државите од регионот.

- Република Македонија ја поддржува секоја иницијатива што придонесува кон она што се обврзавме и пред Европската унија, а тоа е унапредување на регионалната соработка и посебно што е на линија на иницијативата за формирање регионална економска зона. Освен на државно ниво, секако е корисно и општините меѓусебно да се поврзат, да соработуваат, да разменат знаења и искуства. Важно е да се зајакнат општинските административни капацитети и локалните заедници во регионот, низ воспоставување заеднички стандарди во дигитализацијата, градежништвото, катастарот, други важни области, да можат полесно да го привлечат вниманието за инвестирање во општините во регионот. Оттука, ја поздравувам иницијативата за денешната средба и најавувам натамошна соработка за развој во насока на разговараното на денешниот состанок, рече премиерот на РМ, Зоран Заев, на средбата со претставниците на НАЛЕД.