Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 52-ра седница

Владата на Република Македонија, денеска со почеток во 12 часот, ќе ја одржи редовната 52-ра седница.

Во рамките на седницата ќе се разгледуваат состојбите и напредокот во процесот на евроинтеграциите, користењето и имплементацијата на фондовите од ЕУ, статусот на реализација на приоритетите на Република Македонија за влез во НАТО и статусот на реализација на Рамковниот договор.

На владината седница ќе се разгледуваат годишни програми за работа, инвестициони програми како и програми за реализирање на годишен стратешки план на повеќе државни агенции и јавни претпријатија како и на Дирекцијата за технолошки индустриски зони, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како и Фондот за иновации и технолошки развој.

На дневен ред е и Предлог-програмата за развој на туризмот, како и Предлог-годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2018.

Владата денеска ќе одлучува и по Предлог-одлуката Судскиот буџетски совет за утврдување на бодот за пресметување на платите на судските службеници и судската полиција за 2018 година.

Министрите на Владата, на денешната седница ќе го разгледаат и енергетскиот биланс на Македонија за 2018 година, Предлог-програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски примања, Предлог-националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој за период 2018-2022 година, како и бројни Информации по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Денеска Владата ќе одлучува и по Предлог-законот за престанување на важењето на законот за поддршка на домашната музичка продукција, а ќе ја разгледа и Информација за доделување на стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Македонија, како и Информацијата за Ревидиран Акциски план за вработување на млади за периодот 2016- 2020 година и ревидираната  Информација за имплементација на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија 2010-2020.

На денешната седница владата ќе ја разгледа Предлог Стратегијата за образование 2018-2015, и ќе биде информирана и за процесот на реализација на активностите од Рамковниот договор за „Техничка помош за подготовка на сеопфатна Стратегија за образование 2016-2020“ во рамки на Оперативната програма Развој на човечки ресурси 2007-2013.