МИОА Манчевски и Еврокомесарката Габриел: Европската комисија со конкретни мерки за намалување на роаминг во регионот

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска е во работна посета на Софија, Бугарија.

 

На средбата со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, еврокомесарката Мариа Габриел, ги претстави конкретните мерки и планови за драстично намалување на роамингот за земјите во Западен Балкан.

Еврокомесарката Габриел, го информираше министерот Манчевски за заклучоците од средбата со телекомуникациските оператори од земјите од регионот, со кои разговарале за намалување на роамингот. Како што посочи таа, постои голем интерес за соработка што ќе резултира со конкретни мерки. Планот со детални активности и временска рамка за реализација ќе биде презентиран во мај.

„Процесот нема да биде лесен, тоа е процес во кој ќе бидат вклучени сите, и операторите и институциите, но доколку постои политичка волја и конкретни активности, верувам дека ќе успееме да го направиме тоа во наредниот период“, рече Габриел. Како што истакнаа таа, земјите од Западен Балкан се високо на дневниот ред на Европската Унија.

Еврокомесарката Габриел уште еднаш потврди дека земјите од Западен Балкан се високо на дневниот ред на Европската Унија и изрази задоволство што на Дигиталниот Самит кој ќе се одржи за прв пат во Скопје , во април, фокусот е на соработката на земјите од регионот, особено во заедничките заложби за намалување на цената на роамингот. Ова е потврда дека Европската Унија и земјите од регионот имаат иста цел, а тоа е обезбедување подобри услови за комуникација, развој и соработка на своите граѓани.

Министерот Манчевски по средбата во изјава за локалните медиуми, изрази задоволство што дигиталната агенда е дел од приоритетите на Европската Унија. Како што истакна тој, во наредниот период голем број на проекти од ИКТ сферата, како што се младинската гаранција, технолошкиот парк и националниот портал за е-услуги, кои ќе се реализираат во Македонија и во регионот, ќе добијат поддршка од Европската Унија.

Со предвидената соработка на проекти во областа на информатичката технологија, како што објаснија еврокомесарката Габриел и министерот Манчевски, граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од реформите уште пред да се финализира процесот на интеграција кон Европската Унија.
„Во земјите од Западен Балкан започнува нова ера на пријателство“, заклучи министерот Манчевски.