Владина делегација оддаде почит и положи свежо цвеќе по повод 146 годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер, Гоце Делчев

Во рамки на одбележување на 146 годишнината од раѓањето на националниот херој и револуционер, Гоце Делчев, владина делегација предводена од заменик претседателка на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик министерот за култура, Владимир Лазовски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски денеска оддадоа почит и положија свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.

Граѓаните на Република Македонија денеска се сеќаваат на големиот македонски револуционер, Гоце Делчев, предводник во борбата и заложбите за слободна Република Македонија во која живеат и работат слободни граѓани - слободна земја интегрирана во напредниот цивилизиран свет во кој народите се натпреваруваат преку културни достигнувања и остварувања.

Идеалите и заложбите на големиот визионер Гоце Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата во правец на остварување на тој вековен сон за слободна, демократска и економски напредна земја.

Во духот на единство и сплотеност потребна е вклученост и искрен пристап во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност.