Од 53-тата седница на Владата на РМ: Автопатот „Александар Македонски“ преименуван во „Пријателство“; новото име на аеродромот „Александар Велики“ е „Аеродром Скопје“; усвоена информацијата за потребата од воведување на единствен број за итни повици Е-112

Владата на денешната 53-та седница донесе одлука автопатот А1 од граничниот премин Табановце до граничниот премин Богородица, да се преименува во „Пријателство“. Исто така министрите на денешната владина седница ја прифатија одлуката аеродромот „Александар Велики“ од сега да го носи името Аеродром „Скопје“.

„Овие две одлуки се одлична вест. Покажуваат дека оваа Влада е сериозна во носењето одлуки. Но, ја покажува и решеноста да најде решение за спорот со Грција“ – истакна амбасадорот ан Европската Унија, Самуел Жбогар. Тој денеска се обрати на редовната седница на Владата на Република Македонија. Презентирајќи ја стратегијата на Европската Унија за Западен Балкан, Жбогар истакна дека Република Македонија во последните неколку месеци бележи значителен прогрес. Меѓу другото, Жбогар рече дека проширувањето на ЕУ е во интерес на Унијата и дека таа ќе биде посилна ако е поголема.

На денешната седница, министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за надминување на проблемот со канцеларискиот простор и депото на државниот архив. Информацијата предвидува можни решенија за државниот архив на Македонија, односно дали и каде би се дислоцирал истиот за да се заштити архивската граѓа, но конечната одлука ќе се донесе во наредниов период.

На седницата беше разгледана Информација за можноста за изменување на Законот за работни односи во насока на кратење или елиминирање на обврската за објава на оглас за вработување, според препораките на извештајот „Doing Business 2018“ на Светска банка, со што економијата на земјава би добила поголема функционалност. Но, Министерството за труд и социјална политика на владината седница го претстави негативното мислење за оваа мерка, бидејќи со евентуално кратење на роковите за пријавување на кандидати за работно место, ќе се доведе во прашање уставно утврденото право на секој човек, под еднакви услови да му е достапно секое работно место. Дополнително, во Програмата за работа на Владата на Република Македонија за 2018 година, предвидено е изготвување на нов Закон за работните односи, на кое ќе претходи анализа и ревизија на постоечките одредби во Законот. Притоа, во утврдувањето на содржината на новиот закон ќе бидат вклучени сите засегнати страни, односно организации на работодавачи, синдикати, професори, судии, адвокати, како и релевантни институции, со коишто ќе се спроведат широки консултации, а ќе се направи анализа и на оправданоста на препораката на Doing Bisiness, со цел крајниот резултат да биде закон со современи решенија и напредни трудови стандарди.
Владата исто така ја усвои информацијата за потребата од воспоставување на единствен комуникациско – информативен систем со единствениот европски број за итни повици Е-112 во Република Македонија. Владата го задолжи Центарот за управување со кризи во наредниот период, заедно со неколку надлежни министерства, како и институции да најде начин за обезбедување финансиски средства потребни за реализација на активностите.

Министрите на седницата ја прифатија и информацијата за проширување на листата на органи во состав на министерствата, односно јавни претпријатија, самостојни органи на државна управа основани од Владата на Република Македонија, самостојни органи на државна управа основани од Собранието на Република Македонија, правни лица со јавни овластувања, регулаторни тела основани од Собранието на Република Македонија, акционерски друштва во државна сопственост и единиците на локална самоуправа коишто треба да ја објават листата со 21 документи и акти на своите веб-страници.

Владата на денешната седница ја прифати предлог-одлуката за формирање на Совет за управување со јавни финансии на предлог на Министерство за финансии, имајќи предвид дека овој совет е клучно тело од структурата за управување, координација, следење и известување за спроведувањето на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии.

На предлог на министерството за труд и социјална политика, Владата ја разгледа и ја прифати информацијата со план за имплементација на Гаранција за млади (прва фаза 2018-2019 година), како и Акцискиот план за имплементација на Гаранција за млади во три пилот општини во 2018- та година.

На предлог на истото министерство, Владата го усвои и акцискиот план за вработување на млади 2016-2020-та година.

Со цел зголемување на капацитетот за опфаќање на децата со аутизам, Владата ја прифати информацијата на министерството за труд и социјална политика за изградба на центар за деца со аутизам. Истиот ќе биде во дворот на Заводот за рехабилитација за деца и младинци, во населбата Топанско Поле во Скопје.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за плановите на министерството за одбрана за понатамошен развој и промоција на „Криволак“ како меѓународен полигон за обука и извежбување.

Министрите на денешната седница, ја прифатија предлог одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко – индустриската развојна зона Скопје 1, или ТИРЗ 1 со Друштвото за производство, трговија, промет и услуги ДОГАН ОТОМОТИВ ДОО увоз – извоз Скопје. Станува збор за компанија која произведува резервни делови за автомобилската индустрија.

На денешната владина седница министрите исто така го разгледуваа и степенот на реализација на мерките предвидени со планот 3-6-9.
На седницата владата го именуваше Љупчо Јаневски за в.д. директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а Данаил Ден Дончев е реизбран на позицијата в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување.