Министерот Зоран Шапуриќ на настанот „Меѓународен ден на мајчиниот јазик”

 

Вчера, министерот Зоран Шапуриќ учествуваше на настанот „Меѓународен ден на мајчиниот јазик”, организиран од страна на Интегра Нау, здружение за права и хуманост во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при Министерството за образование и наука на Република Македонија. Посебен фокус односно тема на настанот беше „Влашкиот јазик како мајчин јазик”.

На самиот настан министерот Шапуриќ имаше поздравен говор, во кој ја потенцираше големата улога на влашката заедница како во минатото така и денес во градењето на Република Македонија како современа држава. Министерот напомена дека важноста на власите за Република Македонија се гледа во тоа што се споменати во преамбулата на Уставот на Република Македонија, каде што покрај другите националности спомнети се и власите како националност на која им се обезбедува целосна граѓанска рамноправност со македонскиот народ. Министерот исто така ја потенцираше потребата од негување на влашкиот јазик, како културно богатсво.

Веднаш по одржувањето на говорот, од страна на здружението Интегра Нау му беше доделен поклон на министерот Шапуриќ, учебник по влашки јазик, изготвен врз основа на Наставниот план за изборни предмети на Филолошкиот факултет, наменет за студенти и други возрасни лица кои сакаат да го изучуваат влашкиот јазик.