Средба на премиерот Заев со словенечкиот амбасадор Јазбец: Засилената дипломатска активност на премиерот Заев ги отвора перспективите на Македонија и граѓаните, Словенија преку грантови ќе го помага домашниот локален развој

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, утрото се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец.

Амбасадорот Јазбец пренесе оценка дека се чувствуваат позитивните промени во Република Македонија и му честиташе на премиерот Заев за ефектите од засилената дипломатска активност што ги отвораат перспективите на државата кон ЕУ и НАТО, но и за економски развој и квалитетен живот на граѓаните на Македонија.

На средбата е заеднички констатирано дека се создадени услови за интензивирање на искреното, многугодишно пријателство што го имаат двете држави. 

Во таа насока договорени се повеќе конкретни чекори за грантови и инвестиции во проекти за питка вода и за отпадни води, што ќе бидат значајни за општините и жителите во внатрешноста во Македонија.

Словенечкиот амбасадор Јазбец во таа насока пренесе интерес на словенечката Влада, како и на фирми од Словенија за учество во вакви инвестиции, што се разгледува да се реализираат и со вклучување на Владата на Македонија, на општините и на приватни домашни ресурси, согласно потребите. 

Отворени се можности и за соработка во други области коишто исто така се однесуваат на директните потреби на граѓаните за подигнување на квалитетот на живот. 

На средбата се разговараше и за политичката клима во двете држави и за претстојната официјална посета на словенечкиот премиер Миро Церар на Република Македонија.