Премиерот Заев и владина делегација во работна посета на Лондон, со учество на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на ЕБОР

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денес и утре (26 и 27 февруари) ќе престојува во работна посета на Велика Британија.

Премиерот Заев, и владината делегација во состав, Заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Министерот за економија, Крешник Бектеши и Министерот за финансии, Драган Тевдовски, за време на работната посета на Лондон, ќе учествуваат на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На Инвестицискиот самит за Западен Балкан, на кој ќе присуствуваат и шефовите на владите на Република Србија, Ана Брнабиќ, на Република Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, на Република Црна Гора, Душко Марковиќ, на Република Албанија, Еди Рама и на Република Косово, Рамуш Харадинај, свои поздравни обраќања ќе имаат Претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, во име на земјата претседавач во ЕУ, и Претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.

За време на самитот ЕБОР, ќе ја претстави „Регионалната инвестициска платформа“ за Западен Балкан, а учесниците ќе имаат можност да учествуваат и да ги изнесат своите идеи и размислувања на сесиите за регионалното поврзување со транспортни коридори, на сесијата за одржлив модел за регионална соработка во енергетиката, како и во сесијата за дигитално поврзување.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и владината делегација ќе имаат средба со Претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти, а за време на Самитот ќе се сретнат со повеќе претставници на тамошната и на меѓународната бизнис заедница, која на овој настан најави присуство на близу 200 директори и членови на управни одбори на компании заинтересирани за инвестициски вложувања во регионот.

Премиерот Зоран Заев, и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи се поканети и на приемот, што во чест на премиерите на Западен Балкан, го организира премиерката на Велика Британија, Тереза Меј.