Владини делегации оддадоа почит по повод 14. годишнината од смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски во Босна и Херцеговина и во Република Македонија

По повод одбележувањето на четиринаесет годишнината од смртта на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, членови на делегација на Владата на РМ, во 11.00 часот, оддадоа почит и положија венец на спомен-обележјето во Ротимље,  во близината на Мостар, (БиХ), каде Трајковски и делегацијата загинаа во авионска несреќа.

Владината делегација ја сочинуваа министерот Зоран Шапуриќ, министер без ресор, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.

На настанот во Ротимље, министерот Шапуриќ истакна дека сме на чекор од исполнување на визијата на Борис Трајковски, Македонија да биде слободна и демократска држава интегрирана во Евро-атлантските структури. Тоа ќе биде најдобар начин да го исполниме заветот на прерано починатиот Трајковски, со што не само Македонија туку и целиот регион ќе биде посветен на градење на добрососедски односи засновани на доверба и искрени намери, со крајна цел да им се обезбеди подобар животен стандард на сите граѓани на овој дел од Европа.

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски се одбележа со високи воени почести и на градските гробишта во Бутел, (Скопје), во Алејата на великаните, каде во 11.00 часот, Владината делегација во состав министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу придружуван од заменикот за култура Владимир Лазовски положи венец на вечното почивалиште на поранешниот претседател на РМ и оддаде почит на другите загинати во авионската несреќа.

Во чест на Борис Трајковски, кој беше втор претседател на РМ, од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година со должна почит и признание за неговиот исклучителен придонес во создавањето и негувањето на придобивките од независноста на Република Македонија, претставници на Владата на РМ, предводени од Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа во 12.00 часот положија свежо цвеќе пред споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски во Струмица.

Поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, заедно со осумчлена делегација од неговиот Кабинет и членови на екипажот на владиниот авион, со кој патуваа на Меѓународна конференција во Мостар, трагично ги загубија животите во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година.