Премиерот Заев на средба со бизнис делегација од Саудиска Арабија: Македонија е земја на компетитивни можности за нови инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и советниците за економски прашања, денеска остварија средба со бизнис делегација од Кралството Саудиска Арабија предводена од почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Саудиска Арабија, Абдулах Ал Навасиер.

На средбата се разговараше за новите економски политики што ја позиционираат Македонија како стабилна бизнис дестинација, можностите за инвестиции, природните потенцијали и ресурси на земјата и поволната инвестициона клима, како и за мерките на поддршка од Планот за економски раст за нови инвестиции и раст на конкурентноста на претпријатијата.

„За нашата економија е добро да ја јакнеме соработката со Саудиска Арабија на политички и економски план. Македонија отвора можности и може да биде добра бизнис дестинација за инвеститорите од Саудиска Арабија“, порача премиерот Заев.

Во таа насока премиерот Заев посочи дека потенцијалните заинтересирани инвеститори од Саудиска Арабија може да добијат значителна државна поддршка според Планот за економски раст доколку се одлучат да инвестираат во Македонија по транспарентни критериуми кои се еднакви за сите инвеститори.

„Ве повикувам да ги разгледате и да аплицирате по мерките за поддршка што ги овозможува Планот за економски раст. Институциите и Владата на Република Македонија ви стојат на располагање. Македонија е земја која може да понуди компетитивни можности за нови инвестиции. Растот на приходите на компаниите претставува и раст на БДП и затоа Владата на Република Македонија е цврсто определена да го поддржи и помага бизнисот“, рече премиерот Заев на средбата со бизнис делегацијата од Кралството Саудиска Арабија.

Премиерот Заев ги информираше инвеститорите дека Планот за економски раст ги дава првите позитивни резултати со што земјата прераснува во атрактивна и стабилна бизнис дестинација, во која за 7 месеци има влез на 8 нови инвестици, а се очекува конечна одлука и за други 20-тина нови инвестиции.

Претставниците на бизнис делегацијата ги пренесоа своите позитивни впечатоци од тридневната посета на Република Македонија и посочија дека взаемната соработка ќе продолжи да се развива во насока на унапредување на економските релации со Република Македонија. На средбата беше посочено дека постои интерес за инвестиции во одредени сектори, како што се земјоделството, преработувачките капацитети и прехранбената индустрија, енергетскиот и финансискиот сектор.