Министерката Царовска: Со оперативниот план за 2018 година обезбедуваме нови работни места и даваме шанса на сите

Почитувани медиуми, почитувани граѓани, Владата на Република Македонија на вчерашната седница го усвои Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.

Со овој план се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат:
-создавање на нови работни места,
-поддршка за креирање на нови работни места и
-зголемување на вработливоста на невработените лица.

За реализација на мерките во ОП 2018 се издвоени 1.040.794.835 денари. Со овие средства се предвидува поддршка за самовработување, поддршка за креирање на нови работни места, обуки за стручни квалификации и вештини, програма за работно ангажирање преку општинско-корисна работа и јавни работи, како и низа други услуги кои се обезбедуваат преку АВРМ.

Со цел да се обезбеди перспектива на младите луѓе која е наша посебна заложба и цел како Влада се отпочнува и пилот проектот „Гаранцијата за млади“ кои ќе се реалзира во три општини (Струмица, Скопје и Гостивар) и наскоро ќе ги објавиме деталите.

Пoнатаму, ранливите категории на невработените лица се наш врвен приоритет. Токму затоа имаме посебна мерка која се однесува на воспоставување на можни програми за оспособување и вработливост на овие група на граѓани.

При креирањeто на мерките настојувавме да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, со цел да обезбедиме еднакви можности за сите.

За разлика од претходните оперативни планови за вработување, оваа година е поедноставена содржината на програмите за вработување и услугите. Јасно се дефинирани критериумите, како и корисниците на кои се однесуваат програмите за вработување. Грантовите за самовработување се поставени флексибилно и изнесуваат 4000 до 5.000 еврa за поединец, односно 10.000 евра за здружување на бизнис од двајца содружници.
Годинава е дадена можност за комбинација на мерките, односно по завршувањето на една мерка, истото лице може да биде корисник на друга мерка. Пример, по завршување на некоја од обуките, може да се вклучи во субвенционирано вработување.
Особено важно е дека со овој оперативен план ќе се обезбеди обука за 100 невработени лица, кои што во иднина ќе се вработат како персонални асистенти на лица со попреченост. Сметам дека е значајно да се напомене дека се предвидени и тренинзи за стекнување на квалификации и знаења за „зелени“ работни места.
Вклучувањето на невработените лица во програмите односно мерките за вработување се врши врз основа на транспарентни процеси за аплицирање.
Во наредниот период ќе следат повеќе промотивни активности на Владата, МТСП и АВРМ во врска со Оперативниот план, односно поединечно претставување на мерките. Нашата цел е што повеќе граѓани да ја искористат понудената шанса.