АМС и претставници од Владата на втора консултативна средба за креирање и имплементација на младински политики во Република Македонија

 

Агенцијата за млади и спорт, со поддршка на Владата на Република Македонија денеска во Клубот на пратеници организираше втора консултација со младинските организации кои се занимаваат со младински политики.

Присутните на средбата, директорот на АМС, Дарко Каевски,  претставниците на Владата на Република Македонија и претставниците од младинските организации, дискутираа за состојбите со развојот и имплементирањето на политиките кои го засегаат развојот на младите и младинското организирање во Македонија.

На средбата, претставниците на Владата на Република Македонија нагласија дека најдобар начин да се увидат вистинските предизвици во креирањето на новиот закон за млади е да се чујат и земат предвид искуствата од активностите и работата на младинските организации.

 

 

АМС и Владата на Република Македонија, како што информираа претставниците на Владата, оствариле серија консултативни средби со неколку ресорни министерства со цел сумирање на информациите за имплементација на младинските политики во земјава.

Директорот на  Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во своето обраќање до присутните истакна дека е важно да се иницираат вакви и пошироки дебати на кои ќе се дискутираат клучни прашања за имплементирањето на младинските политики во државава.

„Клучните процеси за младите во Македонија ќе ги носиме со дебати и консултации, за да ги донесеме најдобрите решенија за политиките што треба да ги штитат интересите на младите во земјава“, рече директорот на АМС, Дарко Каевски.

Каевски нагласи дека во периодот којшто следи ќе бидат надминати и пречките за основање на канцеларија како дел од Регионалната канцеларија за младинска соработка, популарно наречена RYCO, која е дел од  Берлински процес, и дека во тек е избор на младински претставник од Македонија во таа регионална канцеларија.

Претставниците на Владата ја презентираа информацијата од четири ресорни министерства, Министерството за култура, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, која се однесува на фазите на имплементација на младинските политики, и она што овие министерства го преземаат во рамките на своето работење за креирање и спроведување на младинските политики.  

Фокусот на Владата кон младинските политики ќе се интензивира во периодот што следи, при што се предвидени дополнителни консултации со младинските организации, како и тематска седница на Владата посветена на младинските прашања, со цел забрзување на процесите кои што треба да го подобрат животот на младите.