Реакција за објавите во медиумите за работата на прес-службата

Владата на Република Македонија е целосно отворена во комуникацијата со медиумите и работи на принципот на навремено и целосно одговарање на сите новинарски прашања на дневна основа, како и подготовка на одговори на барања за специфични теми и барања за интервјуа.

Владините прес-конференции се одржуваат во континуитет веќе 6 месеци, а на истите се одговараат прашања сè додека новинарите ги поставуваат односно не постои ограничување ниту селекција. Прес-конференциите се јавни и се пренесуваат во живо што е уште една потврда за транспарентноста на службата за комуникации.

Постои и можноста за медиумите да достават прашање однапред со цел да добијат одговори за кои е потребна потемелна подготовка, а тоа беше договорено како можност со претставниците на медиумите во рамки на редовните неделни брифинзи.

Овој договор беше направен првенствено да им се овозможи на електронските медиуми да добијат тонски видео материјали за викенд новинарски теми на нивно барање.

Сите медиуми кои доаѓаат на редовната владина неделна прес-конференција го знаат овој принцип на функционирање. Ги покануваме сите медиуми/портали да дојдат барем еднаш на прес-конференција за да можат самите да направат увид како оди двонасочната комуникација.