Промовирана „Портата Македонија“

На плоштадот „Пела“ во Скопје денеска свечено беше пуштен во употреба објектот „Порта Македонија“, на која се прикажани мотиви од македонската историја, култура и традиција. „Порта Македонија“ претставува симбол на големата историска победа - создавањето независна и суверена Република Македонија.

Објектот во употреба го пуштија премиерот Никола Груевски заедно со вицепремиерот и иминистер за финансии Зоран Ставрески, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и авторката на објектот Валентина Каранфилова Стефановска.

Груевски, кому ова му беше прв настап поврзан со проектот „Скопје 2014-та“, рече дека денес е добра можност да им одговори на сите напади и критики поврзани со него.

- Да, јас стојам зад овој проект, сметам дека е добар, квалитетн и корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас, го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект, како што тоа го правам и во илјадници други случаи кога ќе верувам во нешто, кога имам и имаме идеја и визија како да биде подобро покорисно и поделотворно за граѓаните и државата, изјави премиерот.

Груевски истакна дека Проектот „Скопје 2014“ во кој спаѓа и „Порта Македонија“ беше еден од најоспоруваните проекти досега.

- Има ли една нација, народ или една држава поголем триумф од независноста, праша премиерот и додаде дека објектот беше замислен како симбол со кој ќе се одбележи 20 - годишнината од независноста на Македонија.  

Понекогаш се прашував, вели тој, зошто некои луѓе моментот на независноста не го уважуваат како најголем историски чин заради кој вреди да се изгради еден симбол на 20- годишнината од стекнувањето на независноста.

- Помислувам дека можеби некому од последната генерација, оваа нашата, на нас кои сме денес живи, можеби некако ни се виде како многу лесно добиена таа независност. И можеби затоа некои од нас кои не се целосно свесни за историските битки и жртви за нејзиното доаѓање, можеби токму затоа им е чудно зошто државата се одлучила да изгради еден ваков спомен, рече премиерот.

Проектот „Скопје 2014-та“ и „Порта Македонија“, како што посочи, уште недоизградени добија своја историја. - За тоа се погрижија многу наши неистомисленици и независно што ќе се случува во иднина на ова место низ времето што доаѓа, овој проект веќе има своја историја за која сигурно во иднина многумина ќе ја проучуваат, прераскажуваат, фалат или критикуваат, препишуваат или документираат, рече Груевски.

Според него, во иднина ќе биде невозможно да се направи документарен филм или книга, а да нема дел посветен на проектот, како и на неговите поединечни објекти, независно кој и со каква цел ќе го прави.

Првата јавна благодарност тој денеска ја упати кон  сите негови противници и неистомисленици, на сите противници на проектот, на опозицијата, НВО секторот кој, како што рече Груевски, најчесто во договор со опизициските партии организираа протести. Во тој контекст се заблагодари на одреден број професори и студенти на архитектонскиот факултет, разни колумнисти, и други истакнати личности, но и на дел од медиумите и нивните претставници.

- Тие со сета жар и максимална посветеност работеа на максимално оцрнување на овој проект, со надеж дека на тој начин ќе ме оцрнат мене и моите соработници, како и актуелната политичка гарнитура, рече премиерот.

Лично смета дека и дека уметниците на овој начин добиваат слава и излегуваат од анонимност по нивната смрт. 

 - Ова воопшто не го говорам во циничен или ироничен стил доколку некој така ме разбира. Колку поголем е интересот за некое дело, во смисла да биде иускритикувано и понижено, толку повеќче расте и мотивацијата и концентрацијата на квалитетот на делото, изјави Груевски. Јавна почит искажа кон онаа група луѓе кои едноставно имаат разлилчно мислење од неговото или чие било, и неговото изразување е спроведување на демократијата.

Премиерот изрази и благодарност до поддржувачите, до сите оние кои ја следеа промоцијата на објектот, но и до илјадници други граѓани од земјата, кои дадоа поддршка на проектот „Скопје 2014-та“.

- Без поддршката на сите вас, тешко дека ќе можевме да се спротиставиме на една добро политички и партиски, мотивирана и организирана хајка, на една гебелсова пропаганда од најнизок тип, и на едно бескорпулозно „бришење на под“ со секој кој ќе се осудеше, на пример, минатата или годината пред неа, јавно да каже што било позитивно за овој проект, рече Груевски.

Посебна благодарност премиерот Груевски упати до неговите соработници, уметниците-автори на делата од „Скопје 2014-та“ и сите останати учесниците и инволвирани во проектот.    

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, која, како што рече беше главна моторна сила во реализацијата на овој проект, вложи неизмерно многу труд, време и енергија во неговото созадавање. - Во најтешките мигови не се плашеше јавно да излезе и да го брани проектот, како целиот така и овој кој денеска го одбележуваме како завршен, изјави Груевски. Му се заблагодари и на вицепртемиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на неговиот претходник Трајко Славески, на членовите на парламентот и други вклучени во проектот.

Клучен дел од товарот во врска со проектот „Скопје 2014-та“, според него, носи Општина Центар и неговиот градоначалник Владимир Тодоровиќ и претходничката Виолета Аларова.

- Важно е и да не заборавиме дека овој проект даде живот, опстанок, заработка, не само на најголемиот дел на градежните компании туку и на десетици илјади работници, во време кога ја живевме најголемата светска економска криза, рече премиерот. Посочувајќи на разговори со градежниците, Груевски рече дека овој проект не им помогнал туку ги спасил во ова тешко време.

Еден ден, рече Груевски, сите нас ќе не нема, само делата ќе останат. - Политичко партиски мотивираното кревање магла и прашина на овој проект еден ќе спласне, ќе ја снема и погледот нема да биде со ништо заматен. Делата ќе останат да блескаат со својот сјај, а критичарите и идните генерации не оптоварени од дневнополитичките и партиски манипулации ќе можат да го дадат своето конечно мислење, рече Груевски.     

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска истакна дека „Порта Македонија“ е потврда на нашето цивилизациско мото кое вели дека светот го препознаваме како натпревар на културите.

- Ќе посакам „Порта Македонија“ да биде монументална книга на македонските подвизи, место на кое како што вели големиот Гете, уметноста ќе биде посредник на она што не може да се каже со зборови, рече Канческа - Милевска.  Денеска, додаде таа, го откриваме новиот простор на кој во иднина ќе се слават најголемите подвизи и успеси на нашите граѓани, на македонската култура и уметност.

- Ја славиме нашата историја и култура, ги славиме македонската фаланга, Јустинијан, Цар Самоил, Крале Марко, Карпош, Илинденците, Свети Кирил и Методиј и Свети Климент и Наум, ги славиме македонското сликарство, вајарство, мозаик, архитектура, копаничарство, гранчарство, поезија, книжевност, фолклор и музика, истакна министерката.

Портата, чиј автор е академската скулпторка Валентина Стевановска, која го изработи и „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, ја красат триесетина релјефи изработени од мермер кои прикажуваат делови од историјата на македонскиот народ. Мотивите од длабок релјеф се поставени на сите страни на објектот. Меѓу нив се прикажани Александар Македонски и Филип Втори со фалангата, Јустинијан Први, Цар Самоил, Крале Марко, Карпош. Има релјефни мотиви на Илинденското востание, на АСНОМ, прогласувањето на независна Македонија во 1991 година. На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот „Свети Јован Бигорски“, претставена е и охридска куќа, Даут-пашин амам, Мостот на поезијата во Струга... Во горниот дел од фасадата, на четирите агли се поставени скулптури - човечки фигури лиени во бронза. 

Портата е висока 21 метар. До врвот водат два лифта и две скалила. Внатре има галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување.

На промоцијата на „Портата Македонија“ присуствуваа повеќе министри, пратеници, директори на јавни претпријатија, градоначалници и граѓани на Скопје.

„Портата Македонија“ е прв објект што Министерството за култура го промовора во 2012 година и дел од проектот за поставување 35 скулптури во центарот на Скопје. Од него за реализација ќе останат уште трите врби во Вардар кои, според најавите од Министерството, ќе бидат промовирани овој или наредниот месец.