Средба на премиерот Заев со добитничката на Нобеловата награда за мир Уидед Бушамауи

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Уидед Бушамауи.

Поздравувајќи ги напорите и заложбите за промени во нејзината земја, Тунис, премиерот Заев, истакна дека г-ѓа Бушамауи е пример за тоа дека искрените заложби за промени во едно општество не се залудни.

Имајќи ги предвид долгогодишните ангажмани и заложбите за возобновување и помирување на Туниското општество, премиерот Заев и г-ѓа Бушамауи во текот на средбата разговараа и за искуствата на нобеловката Бушамауи во обновувањето на општеството после преживеаните кризни времиња, зајакнувањето на капацитетот на институциите, предизвиците во привлекувањето на странски инвеститори, мултикултурализмот, влијанието на квалитетот на образованието и отворањето на нови работни места, како неопходни фактори во градењето постабилно општество.

Бушамауи, во текот на средбата ја нагласи и важноста од прифаќањето на различностите, еманципацијата на жените во општеството и меѓусебниот дијалог како клучни за зачувувањето на демократијата, и социјалната стабилност, за граѓаните да можат да добијат подобар живот и посигурна иднина.

Осврнувајќи се на својот придонес во возобновување на Туниското општество таа кратко рече „ние се обединивме за иднината на Тунис и успеавме таму каде што политичарите не успеаја“.

Во текот на средбата, премиерот Заев и г-ѓа Бушамауи, која меѓудругото била и прва жена претседател на стопанската комора на Тунис се согласија дека оваа средба е одлична можност за идна комуникација за натамошни иницијативи за проширување на соработката помеѓу Република Македонија и Тунис.

Г-ѓа Уидед Бушамауи е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2015 година во конкуренција на 273 кандидати.