Премиерот Заев на настанот на ОН за Истанбулската конвенција: Ќе ја преточиме Конвенцијата и во пракса, велиме јасно НЕ за насилството врз жените!

 

Денес, по повод Меѓународниот ден на жените, се одржа јавен настан во организација на канцеларијата на Обединетите нации во Република Македонија насловен: По ратификацијата - Што е следно по Истанбулската конвенција.

На настанот присуствуваа бројни претставници на амбасадите во Република Македонија, меѓународните и граѓанските организации и медиумите, а свои кратки обраќања на настанот имаа постојаната претставничка на Обединетите Нации во Македонија, Луиза Винтон, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за здравство, Венко Филипче.

Фокус на дискусија на настанот беше важноста на ратификацијата на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, но и кои се следните чекори во планот за имплементација на конвенцијата.

 

 

Постојаната претставничка на Обединетите нации, Луиза Винтон го отвори настанот со своето обраќање во кое ги поздрави Владата и Собранието на Република Македонија за ратификацијата на Истанбулската конвенција и се заблагодари на заложбите на овие државни институции во напорите за подобрување на родовата еднаквост во земјата и борбата против родовото базирано насилство. Таа напомена дека ратификацијата на Истанбулската конвенција е многу важен исчекор, но имплементацијата е поголем предизвик на кој треба посветено да се работи.

 

 

Потоа, премиерот Заев ги поздрави присутните и се заблагодари на заложбите на сите засегнати страни во борбата за правата на жените и родова еднаквост во македонското општество:

„Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, дозволете најпрвин и јас да ја искажам мојата почит кон сите активистки кои неуморно работат и се залагаат за родова еднаквост. Вашата долгогодишна посветеност и борба резултираа со ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Ве уверувам дека како претседател на Владата цврсто застанувам покрај вас и со вас бидејќи навистина нема родова еднаквост и еднакви можности сè додека жените и девојките трпат насилство.
Во таа насока, инсистирам и повикувам на координиран и искрен пристап на сите институции, сите министерства,во справувањето со родово заснованото насилство и во усвојувањето на потребните законски измени согласно обврските од Конвенцијата. Тука, координацијата помеѓу министерствата за труд и социјална политика, за здравство и за внатрешни работи е од клучно значење. Но, да не заборавиме дека ова е обврска на целата Влада, на целото општество кое мора цврсто да се спротивстави и да каже НЕ за насилството врз жените.

Веќе е формирано и активно Националното координативно тело против семејно насилство, кое треба да прерасне и да се трансформира во Национално координативно тело против родово засновано насилство.

Со цел јакнење на заедничкиот пристап кон родовите прашања, со одлука на Владата ја формиравме Интересорската советодавно - консултативна група за еднакви можности на жените и мажите. Го посочувам ова, бидејки станува збор за важно тело коешто има обврска да се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирањето на политиките и буџетите.

Обезбедувањето еднакви можности за жените и мажите e еден од клучните чекори во демократизацијата на општеството и значи доследно почитување на човековите права.

Владата на Република Македонија е подготвена, заедно со поддршката од сите вас, да работи на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените.

На крајот, во пресрет на 8 Март, односно Меѓународниотден со кој се одбележува борбата за политичка, економска и социјална рамноправност помеѓу жените и мажите, порачувам секојдневно да дејствуваме против родови стереотипи и да се трудиме да ги овозможиме сите услови за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на полот“ изјави премиерот Заев.

 

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги објасни сите мерки и реформи кои се спроведуваат од министерството, како носител на реформите и политиките во оваа сфера и порача дека поради храброста на жените од нашата земја кои се приклучија на светскиот тренд на охрабрување да се проговори за насилството со кое се соочиле, денес конечно зборуваме за трансформација на нашето општество. „Родовата еднаквост не е само прашање на фундаментални човекови права, туку и основа за просперитет и оддржлив развој.“, истакна министерката Царовска.

 

 

Дополнително, министерот за здравство Венко Филипче исто така се осврна на борбата против семејно и родово базирано насилство и најави обука и специјализација на здравствени работници во клиничкиот менаџмент на овие појави како и отворање на три центри за упатување на жртви во склоп на гинеколошко акушерската клиника во Скопје и болниците во Куманово и Тетово. Исто така, министерот Филипче најави и ревизија на Законот за абортус.

По воведните обраќања на постојаната претставничка на ОН во Македонија, Винтон, премиерот Заев, министерката Царовска и министерот Филипче се отвори дискусија со присутните за конкретните мерки и реформи предвидени за имплементацијата на ратификуваната Истанбулска конвенција за за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.