Доделени концесии за организирање рекреативен риболов

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска 20 ревири добија концесии за организирање рекреативен риболов. Станува збор за ревирите Пчиња 1 и 2, Крива Река 2, Бабуна 2, Брегалница 4, 5 и 6, Вардар 1, 2, 6, 7, 8, 10 и 12, Треска 1, Црн Дрим 1 и 2 и Црна Река 1, 2 и 3.

Согласно Законот за рибарство и аквакултура рибите од риболовните ревири и рекреативните зони се даваат на концесија шест години. Висината на надоместот за нивното користење изнесува 10 отсто од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов на годишно ниво. Начинот и динамиката на плаќање на надоместот за концесијата се утврдени во Законот.

Концесионерите имаат обврска ревирот во текот на годината да го порибат со автохтона пастрмка.

- Со денешното потпишување на договорите се уредува организирањето рекреативен риболов на дел од риболовните ревири во Македонија, рече ресорниот министер Љупчо Димовски по доделувањето на концесиите.

Тој информира дека е во тек постапка за распишување нов јавен конкурс за оние риболовни ревири кои не беа опфатени со претходниот јавен конкурс.

Министерството за земјоделство во наредниот период ќе распише јавни конкурси за давање под концесија на рибите за вршење стопански и рекреативен риболов на Охридското Езеро, Преспанското Езеро, Дојранското Езеро и вештачкото езеро – акумулација Шпилје.

Комисијата за доделување концесии ќе ги разгледа сите доставени понуди одделно, при што за најповолните ќе достави предлог до Министерството. Оваа постапка се реализира согласно законските прописи. На распишаните јавни огласи може да се пријават сите што ги исполнуваат пропишаните  услови.

Последен пат договори за концесија на рибите за организирање рекреативен риболов беа потпишани во 2005 година кога важеше Законот за рибарство од 1993 година. Со донесувањето на новиот Закон за рибарство и аквакултура во 2008 година се допрецизираше начинот на стопанисување со рибите.