Комеморативна седница во Собранието на РМ со кое ќе биде одбележана 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи

75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна годинава ќе биде одбележана со низа случувања во спомен на овој трагичен настан, во организација на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

По симболичниот „Марш на живите“, делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, каде од 11:30 часот е предвидена да започне комеморативна седница.


На настаните кои се дел од комеморативната програма дополнително ќе присуствуваат странски државни делегации и високи државни претставници на земјите од соседството, домашни претставници на институциите на локално и национално ниво, како и претставници на заедниците на Евреите од Македонија и други земји.

За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта Треблинка во окупирана Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта помеѓу 10. и 11. март 1943, по што биле донесени во Скопје во зградата на Монополот. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22. март 1943 година, а до 29. март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил.

Овој месец во пресрет на комеморацијата, на 5 март 2018 година, Собранието на Република Македонија ја усвои Декларацијата посветена на 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, додека ден подоцна, на 6 март, Владата на Република Македонија ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот за борба против антисемитизам.

Календар Влада: 
Понеделник, Март 12, 2018 - 12:30 to Вторник, Март 13, 2018 - 13:45