Средба на премиерот Заев со полскиот министер за надворешни работи Чапутович: Поздравени се реформите и добрососедските односи и изразена е поддршка од Полска на евро-атлантските интеграции на Македонија

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, попладнево се сретна со Јацек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска и полска делегација, придружувани од амбасадорот на Полска во земјава, Јацек Мултановски.

Полскиот министер за надворешни работи Чапутович ги поздрави реформите во државава и добрососедските односи и додаде дека лично му честита на премиерот Заев за постигнатите резултати. Министерот Чапутович соопшти дека Полска ја поддржува Република Македонија, како и земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО интеграциите.

На средбата беа споделени искуства дека евро-атлантските интеграции значат политичка стабилност, но и шанси за економски развој.

Премиерот Заев се заблагодари во име на граѓаните на Македонија и на Владата, за големиот пријател што го имаат во Полска и нејзините граѓани, од осамостојувањето на нашата држава, за време на политичката криза во земјата, како и во остварувањето на стратешките цели, ЕУ и НАТО.

- Реформските промени што ги правиме во делот на владеење на правото, слобода на медиумите, примена на европските демократски вредности, како и унапредувањето на односите со соседите, низ пријателско и принципиелно ниво, веќе резултира со отворање перспективи и раздвижување на интересот за инвестирање во нашата држава. Првите договори се потпишани, а има многу што се во фаза на договарање и разговори. Посветени сме на привлекување нови инвеститори и отворање нови работни места за младите луѓе во нашата држава. Во таа насока, многу ни значат отворените можности за економска соработка со Полска. Исто така сакаме да примениме искуства од Вишеградската група во евро-атлантските интеграции, поради што сме подготвени на секое ниво да ја продлабочиме соработката со Полска, рече премиерот Заев.

Министерот за надворешни работи на Полска Чапутович се заблагодари за можноста да присуствува на денешната Комеморација по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна, и да ја искаже посветеноста на Република Полска дека вакви настани никогаш не смеат да се повторат.

На средбата на премиерот Зоран Заев со министерот за надворешни работи на Полска, Јацек Чапутович беше оценето дека е од големо значење и соработката и дејствувањето на Република Македонија во решавањето на мигрантската криза заедно со европските земји.