Од 59-тата седница на Владата на РМ, тематски посветена на младински политики: Одлуките за младите создаваат клима за активно учество, напредок и развој на младите во сите сфери на општествениот живот

Покрај владините претставници, во работата на седницата учествуваа и претставници на Агенцијата за млади и спорт и на повеќе други младински организации, кои доставија и свои мислења и предлози за политики за млади, посветени на унапредувањето и подобрувањето на животот на младите во земјава.

 

 

На денешната седница, Владата ја усвои Информацијата за имплементацијата на младински политики од областа пазарот на трудот со воведувањето на мерката Гаранција за млади (ГМ), која се однесува на решавањето на проблемот со невработеноста со кој се соочуваат младите во Република Македонија.

Гаранција за млади е дел од Европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица (15-29 години) во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Македонија, квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практиканство.

Планот за спроведување на ГМ во Република Македонија е осмислено да се одвива во две фази: пилот фазата во 2018 година во неколку општини, и втора фаза до 2022 година кога програмата ќе се имплементира на територија на цела Република Македонија.

 

 

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, на денешната седница информираше за развојниот карактер на Буџетот на министерството за 2018 година, како и тоа дека е насочен кон подигнувањето на стандардите за квалитет на сите нивоа и во сите образовни сегменти.

Вкупниот буџет на МОН за 2018 година изнесува 25.179.444.000 денари, што претставува зголемување од 5% во споредба со минатата 2017 година

Средствата предвидени за ученички и студентски стандард изнесуваат 1 милијарда и 270 милиони денари. За првпат се обезбедуваат 80 милиони денари за подобрување на условите во ученичките домови, од кои, 30 милиони денари за реконструкција и 50 за опремување. За студентскиот стандард се планирани 660 милиони денари, што претставува зголемување на минатогодишниот буџет за повеќе од 50 милиони денари.
За капитални инвестиции во образованието предвидени се 2.140.024.000 денари, од кои за изградба и реконструкција на основни и средни училишта се издвоени 282.600.000 денари.

На оваа седница, Владата ја разгледа усвои и Информацијата на Министерството за здравство за преземени активности за унапредување на здравјето на младите во Република Македонија.

Министерството за здравство, со цел унапредување на здравјето на младата популација континуирано, во рамки на превентивните програми реализира повеќе мерки и активности, кои ги опфаќаат младите од целата држава, како Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти, Програмата за јавно здравје за 2018 година во која се предвидени повеќе активности за превенција на деформитети на рбетниот столб кај младата популација, спроведуваат едукативни предавања од здравствени работници од Центрите за јавно здравје во основни и средни училишта, советувалишта за сексуално и репродуктивно здравје, Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција и Програма за имунизација со која се обезбедуваат вакцини за континуирана имунизација на сите лица од 0 до 18 годишна возраст.

На денешната седница, владата ја усвои Информацијата за младински политики на Министерството за култура и мерките и програмите со кои се овозможува поголема вклученост на младите во културниот живот во Република Македонија. Дел од програмите што опфаќаат поголема вклученост на младите се Стипендиите за млади таленти; Попусти за средношколци и студенти; Проекти со УНЕСКО/ЕУ од областа на културата, во партнерство со Агенција за млади и спорт; Национална Стратегија за култура, вклучени младински мерки; како и Дефинирање на индустриска политика за креативните и културните индустрии.

На предлог на Заменик претседателот на Влада на РМ за економски прашања, Кочо Анѓушев, Владата ја усвои Информацијата во врска со мерките и активностите од Планот за економски раст кои ги опфаќаат младите.
Мерката предвидува Финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите преку покривање до 30% од трошоците за обука и стручно усовршување на нововработени млади лица.
Поддршката ќе се реализира преку аплицирање на јавен повик за финансирање на проекти за технолошки развој за мали и средни претпријатија (два повици/фискална година), врз основа на доставен елаборат за проектот (проектна апликација) и предлог – буџет. Вкупната поддршка преку оваа мерка (под еден или повеќе проекти) може да се користи во период до 24 месеци за исто нововработено младо лице.

Една од најважните мерки предвидени во Акциониот план е Планот за економски раст е основањето на Научно-технолошки парк, кој е предлог на Фондот за иновации и технолошки развој, како инфраструктурна поддршка на иновациската дејност и овозможува поврзување, создавање и брза примена на нови технологии, создавања и пласман на нови производи, процеси и услуги на пазарот.

Владата на Република Македонија ја усвои и оваа Информација, и го задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори да формира работна група составена од, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука и Кабинетот на Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија која што ќе направи предлог за спроведување на оваа иницијатива за воспоставување на Научно-технолошки парк во Македонија со предлози за просторни, финансиски и кадровски ресурси и за 90 дена да ја информира Владата за тоа.

 

 

Во текот на седницата, Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за приоритетите во младинскиот сектор, на предлог на Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Според планот и програмата на АМС, приоритети во младинскиот сектор за 2018 година се изборот на младински претставник во управниот одбор во регионалната канцеларија за млади на Западен Балкан (RYCO), формирањето на работните групи кои ќе бидат задолжени за креирање на содржината на новиот Закон за млади, ревизијата на Националната стратегија за млади, финализирање на прирачникот за Локални младински совети, и подобрување на улогата на младинските организации, развојот на средношколското и студентското организирање во Република Македонија, изготвување стратешки документи за отворање на зелени работни места и др.

По изложените предлог мерки за градење младински политики, од страна на претставниците на младинските организации и АМС, во текот на седницата, Владата донесе одлуки за формирање работни групи за младински политики, составени од претставници на Владата, ресорните министерства, надлежните институции и претставници од младинските организации, и тоа:
Работна група за препознавање на младинската работа, работна група која ќе го дефинира ко-менаџмент телото за координација помеѓу младинските организации и институциите и за структурен дијалог, работна група за сеопфатно сексуално образование, работна група за средношколско демократско организирање , работна група за студентско демократско организирање, работна група за мапирање зелени работни места и нивно поврзување со невработеноста на младите во земјава и работна група за изработка на програма за сеопфатна грижа и лекување на малолетни корисници на психоактивни супстанци.

Владата ги задолжи овие работни групи во рок од 30 дена да достават план програма и предлог-политики за понатамошно делување.

На оваа седница и претходеа серија на отворени координативни средби, организирани и координирани од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Владата на Република Македонија, кои низ широка јавна расправа, отворија простор за учество на младинските организации и за нивни предлози за младински политики.