Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 61-ва седница

На дневниот ред на денешната седница на Владата на РМ ќе се најде информацијата за предлог договор за доделување на државна помош на Друштвото за производство и трговија „Костал Македонија“ ДООЕЛ, Охрид, која доаѓа на предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за барање за добивање согласност за основање на туристичка развојна зона локалитет „Езеро Треска“, која ја достави Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Од информациите за разгледување на оваа 61-ва седница на Владата на РМ ќе биде предложена и информацијата во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје - Тетово - Гостивар.

На предлог на Министерство за економија, на денешната седница на владата ќе биде разгледан и Предлог-законот за енергетика.

На оваа седница министрите во Владата на РМ ќе ја разгледаат и информацијата за формирање на Национално координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област, со Предлог-одлука и Предлог-решение, како и информацијата за донесување Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на интер-ресорска консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите и донесување Решение за изменување и дополнување на Решението за именување на членови на интер-ресорска консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“.

На дневниот ред на денешната седница на Владата на РМ ќе се најдат и други точки од интерес на граѓаните, и од програмата за работа на владата.

Седницата е закажана да започне во 12:00 часот.