62-ра седница на Владата на Република Македонија

На најавената, 62 седница на Владата на РМ, ќе биде ставена на одобрување нацрт-одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и за висината на закупнината, со нацрт-договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштво за производство, трговија и услуги БАУМЕР ДООЕЛ Скопје, чија матична компанија е Baumer Holding AG од Швајцарија.

На денешната седница, Владата ќе ја разгледа и информацијата во врска со донесување на Национална Стратегија за мали и средни претпријатија (2018-2023), со Предлог-стратегија и Акциски план.

На предлог на Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ денеска ќе го утврдува текстот на Предлог-законот за странци, и ќе ја разгледа информацијата со Предлог-Акциски план за воспоставување на надворешен механизам за контрола над работата на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција.

Владата на Република Македонија, на оваа своја седница ќе се произнесе и во однос на иницијативата на Управа за заштита на културното наследство за прогласување на Манастирот Св. Андреја-Матка, во општина Сарај, за културно наследство од особено значење, во поткатегорија големо значење, за Република Македонија.

На дневниот ред на денешната редовна, 62 седница на Владата на РМ, која е закажана за 12:00 часот, се предвидени и други точки од планот за работа на Владата и од интерес на граѓаните.

Календар Влада: 
Вторник, Април 3, 2018 - 12:00 to 15:00