Ставрески: Кризата во Грција нема да ја разниша стабилноста на денарот


Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ја оцени како мошне сериозна финансиската состојба во Република Грција, но е уверен дека таа нема значајно да влијае врз стабилноста на македонскиот финансиски сектор.


- Состојбата во Грција станува се посериозна и веќе е извесно дека таму во одредена временска рамка во блиска иднина ќе се случи неможност на Грција да ги отплаќа своите долгови во целост. Моите очекувања се дека ќе дојде до контролиран банкрот, каде што европските земји и Грција ќе се договорат за тоа колкав процент од долгот што го има Грција по однос на државните обврзници нема да може да го врати, истакна Ставрески.


Претпоставувам, нагласи, дека тој процент ќе биде околу 50 отсто, значи отприлика половина од долгот ќе треба да и биде простен од страна на француските и германските банки кои што се најизложени кон Грција. - Тоа е сепак помало зло од двете што се на располагање. Другиот начин би бил да се случи неконтролиран банкрот, односно Грција да прогласи еднострано неможност да ги сервисира обврските што би предизвикало поголем хаос и паника во европските земји и на пазарот на капитал, рече Ставрески.


Се надевам, додаде, дека првото решение ќе биде реализирано што воопшто не е добро, но е подобро од второто.


- Што се однесува до стабилноста на денарот, на состојбите во Република Македонија, таа во целост е загарантирана, затоа што стабилноста на денарот зависи од самите нас од работата на Централната банка и на Министерството за финансии, односно од начинот на водење на монетарната и фискалната политика во Република Македонија, нагласи вицепремиерот Ставрески.


Се додека ние ги водиме на здрав начин тие политики, истакна, загарантирана е и стабилноста на денарот.


- Дека ги водиме на здрав начин потврдуваат сите можни мисии и извештаи на меѓународните финансиски институции каде што Македонија е оценета како земја која што има најздрави економски политики во регионот. Се додека е под контрола вкупната ликвидност во економијата преку одржување на ниско ниво на буџетски дефицит и одржување на предвидената парична маса од страна на Народната банка загарантирана е и стабилноста на денарот и стабилноста на девизниот курс во Република Македонија, како и стабилноста на банкарскиот сектор, нагласи Ставрески.