Јавен повик за распределба на средства за финансиска поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации

Институција која огласува: 
Министерство за одбрана
Рок на пријавување: 
30/04/2018

Министерството за одбрана за првпат објавува јавен повик за распределба на средства за финансиска поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации. Средствата се одобрени во буџетот на Министерството за одбрана на Република Македонија за 2018 година и ќе се користат за финансиска поддршка на проекти што имаат за цел афирмација на процеси и вредности од важност за државата и за Министерството. Тоа се евроатланските интеграции на Република Македонија, популаризација на службата во АРМ, зголемување на транспарентноста во одбраната, како и придонеси во креирањето на одбранбената политика и реформите во одбраната, и значењето и улогата на родовите перспективи во оваа сфера.

Право на учество на јавниот повик имаат здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик. Вкупниот износ на средства кои се одобрени во буџетот на Министерството за одбрана за 2018 година изнесува 3.000.000 денари.

Распределбата на средства ќе се спроведува согласно добрата практика за обезбедување финансиски средства утврдена во Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации.

Изборот на корисници ќе се изврши врз основа на критериуми од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации, како и врз база на посебни критериуми за бодирање на предложени проекти.

Доделувањето на такви средства во изминатите години се вршеше преку директни средби и договори, и сегашниот јавен повик е прв од таков вид кој овозможува транспаретност во распределбата на средствата, како и еднакви шанси за сите заинтересирани корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.

Овој јавен повик е уште една потврда за транспарентното работење на Министерството за одбрана во областите каде треба да биде вклучена јавноста и каде треба да се води сметка за јавниот интерес, како што е користење на буџетски средства за афирмација на проекти и вредности од важност за државата и за Министерството.

Ги повикуваме сите здруженија на граѓани и фондации кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, најдоцна до 30 април да пријават свои проекти и идеи, со што ќе се вклучат во процесите за подигнување на стандардите во нашето општество.

 

РОК И НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ

Барањето за финансирање на проекти од овој јавен повик се доставува во пополнет образец БАРАЊЕ во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице. Еден корисник може да поднесе само едно барање за користење на средствата од овој јавен повик.

Кон барањето се доставува детално пополнет Образец за пријавување. Барањето и Образецот за пријавување се објавени подолу.

Барањето и образецот со комплетната документација се доставуваат на еден од следните начини:

  • електронски на електронската адреса: [email protected];
  • во затворен плик преку пошта на адреса: Министерство за одбрана, ул. „Орце Николов“ бр. 116, 1000 Скопје;
  • со предавање во архивата на Министерството за одбрана секој работен ден од 08.30 до 15.00 часот. На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВАРАЈ“, а под тоа „за јавен повик за доставување на барање за финансирање на проекти“.

Апликациите кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќe се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.

Крајниот рок на доставување на барањето е најдоцна до 30.04.2018. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледани.

За дополнителни информации лице за контакт е Филип Стојковски, тел. за контакт 070/367-330, електронска адреса: [email protected].