Средба на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Украина, Климкин: Направен е прогрес во Македонија, создадени се услови за унапредување на соработката и можности за инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостоловска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина.

На средбата е изразена заедничка определба за значително унапредување на односите помеѓу двете држави. Констатирано е дека постои интерес за продлабочување, посебно на економската соработка. Оценето е дека се создадени услови за развој на соработката, по прогресот во нашата држава и реформските чекори што ги презема новава Влада на економски и политички план, како и надминатиот повеќегодишен застој за функционирањето на Мешовитата комисија за спроведување на договорот за слободна трговија, откако е именуван копретседавач со Комисијата, министерката Апостоловска, од страна на Владата на Република Македонија.

Министерот Климкин рече дека Владата на Република Македонија добро се справува со предизвиците на полето на реформите и добрососедските односи и дека тоа отвора пат кон евроинтеграциите на државата. Министерот Климкин исто така изрази подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренесе и интерес на полето на инвестициите.

- За Република Македонија евроинтеграциите се стабилност, безбедност и економија. Работиме на напредок во клучните области важни за квалитетот на живот на граѓаните и за ЕУ и НАТО. Затоа ја оценуваме 2018 за значајна година, месецов да се тргне условеноста на препораката за преговори, а потоа и исчекори на евро-атлантски план, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на соработката и во областа на земјоделството, енергетиката, продолжување на добрата соработка во одбраната. Потврдени се и заложбите на двете држави за демократски развој и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за надворешни работи на Украина, Климкин зборуваа за билатералната соработка, но и за важноста од обединета Европа на безбедносен план, што ќе се постигне со интеграциите на Македонија и на регионот.