Фридом Хаус: Македонија е „светла точка“ во демократско подобрување

Американската невладина организација „Фридом Хаус“ во најновото редовно истражување „Земји во транзиција 2018“, ја наведува Република Македонија како светла точка за минатата година, и оценува дека македонската демократија и начин на владеење забележува подобрување, за прв пат од 2010 година.

Република Македонија, заедно со Узбекистан и Естонија е издвоена во Извештајот, како „светла точка“ за минатата година и е посочена како држава со најветувачка шанса за демократскит прогрес во Европа.

Истовремено, во 23-тото издание на годишниот Извештај, се нагласува дека смената на власта во Македонија во јуни минатата година, донесе шанса да се смени долгогодишното запленување на државата и да се решат долготрајните спорови со соседите кои го попречуваа развојот на земјата.

Во Извештајот, на скалата од еден до седум, Македонија е оценета со 4,36, што значи подобрување од минатогодишниот резултат од 4,43 и е прва позитивна промена, ако споредиме со 2010 година кога оценката беше 3,79.

Македонија, која и натаму се наоѓа во групата земји „Преодна влада или хибриден режим“ најдобро е оценета во областа „граѓанско општество“.

Според „Фридом Хаус“, првиот клуч за успехот на новата македонска влада е решавање на спорот околу името со Грција, што ќе го отвори патот кон ЕУ и НАТО членство и ќе обезбеди меѓународна поддршка.

„Доколку спорот околу името се реши, тогаш почнува тешката работа. Во овој момент, новата влада заслужува силна поддршка од САД и ЕУ, вклучително и притисок врз Грција, за решавање на спорот околу името и заложби за асистенција во болниот процес на ослободување од заробената држава“, се наведува во Извештајот на американската организација.