Министерот Филипче: Имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство

Под мотото заштити, спречи, вакцинирај, денеска по 13, пат ја одбележуваме Европската недела на имунизација. Со овој настан сакаме да ја подигнеме свеста кај сите засегнати страни за бенефитите од имунизацијата и потребата од редовна вакцинација кај децата согласно Календарот за имунизација.

 

 

Вакцините го штитат детето од тешки заразни заболувања, а со тоа се создава колективен имунитет и заштита од епидемии на целата заедница.

Во таа насока, еден од главните приоритети на Министерството за здравство за оваа година е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување нови вакцини, кои заштитуваат од стрептокока и од рота вируси, кои се причинители на тешки заболувања проследени со компликации кои најчесто се јавуваат кај малите деца до 5 годишна возраст. Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата.

Вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје. Активностите ќе продолжат и понатаму не само во рамки на одбележување на Европската недела на имунизација. Со континуирана промоција и едукација ќе бидат опфатени здравствени работници и родители, со цел и во иднина да се зголемува опфатот со сите вакцини и да не дозволиме долгогодишната традиција на успешна вакцинација да ја нарушиме, а со тоа да не дозволиме појава на заразни болести и епидемии во државата.

 

 

Имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство, бидејќи е значајна здравствена, социјална и економска придобивка. Националното координативно тело за вакцинација е одговорно за целокупниот процес за вакцинација во земјава. Продолжуваме заеднички да работиме за да обезбедиме квалитетни вакцини, по нов осовремен календар, a со правилна регионална и епидемиолошка динамика на нарачување и без облигативни количини, ќе овозможиме релокација и правилно искористување на средствата од веќе предвидени во програмите за имунизација.