Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 65-та седница

MK

Во рамки на 65-тата седница која треба да започне во 12:00 часот, Владата на Република Македонија ќе разгледа повеќе точки од планот за работа, а кои се од интерес на граѓаните.

На предлог на АД за производство на електрична енергија, „Електрани на Македонија“, во државна сопственост, Скопје ќе биде разгледана информацијата за текот и активностите за проектите ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште.

Министрите на денешната седница, на барање на Министерството за економија, ќе дебатираат за извештајот за извршени преговори со усогласен текст на договорот за соработка во областа на туризмот меѓу владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.

На барање на Собранието на Република Македонија на дневен ред на 65-тата седница се 13 предлог – закони за изменување и дополнување. Дел од нив се: предлог- законот за измени и дополнување на законите за лекови и медицински помагала, за санитарни и здравствени инспекторати, за јавни набавки, за инспекциски надзор, за основање на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и.т.н

На денешната седница ќе бидат разгледани и две информации на предлог на Министерството за одбрана, односно информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО “Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од август до ноември 2018 година и информацијата за учество на припадници на Армијата на Република Македонија на воена парада во Република Бугарија.

Пред министрите ќе се најдат и информација за прогрес на реализација на акцискиот план за пристапни рампи за лицата со инвалидност и информацијата предложена од министерството за информатичко општество и администрација за статусот на реализација на Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2016-2018 година.

Како материјал за информирање на владината седница ќе бидат разгледани извештајот за тековниот статус на болниците во процесот на акредитација, за периодот јули - септември 2017 година, како и извештајот за реализација на Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2017 година.