Министерот Димитров на работен ручек на маргините на Самитот на Брдо Бриони Процес со претседателот на Европскиот Совет Туск

На маргините на денешниот Самит на Брдо Бриони Процесот на кој оваа година домаќин е Република Македонија, Министерот за надворешни работи, Никола Димитров приреди работен ручек за присутните министри за надворешни работи од земјите учеснички во Процесот и претставници на специјалниот гостин, претседателот на Европски Совет, Доналд Туск. На ручекот учествуваа и претставници од британското МНР, како домаќини на претстојниот Самит на Берлинскиот Процес кој оваа година се одржува во Лондон.

Министерот Никола Димитров се осврна на Брдо Бриони Процесот, и во тој правец истакна: „Колку повеќе зборуваме со еден глас и си помагаме едни со други во регионот, толку побрзо ќе одиме сите напред. Натпреварот во реформи, во тоа што има значење за нашите граѓани денес и утре, е единствениот политички натпревар што му треба на Балканот.”

Продолжувајќи понатаму, тој ги претстави очекувањата на Република Македонија за постигнување на напредок во пристапниот процес и задоволство што Европската комисија ги препознава досега постигнатите реформски резултати и добиената препорака за почеток на пристапните преговори. Конечно, Министерот се осврна и на идните активности на Владата, во поглед на реформската агенда, но и во поглед на унапредување на добрососедските односи.

Дискусиите за време на работниот ручек беа фокусирани на новиот моментум создаден во нашиот регион, очекувањата од претстојниот период и предизвиците во светло на Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, објавените извештаи за земјите од страна на Европска Комисија, како и претстојните значајни Самити – Самитот во Софија на 17 мај и Самитот во Лондон на 9 и 10 јули. Беа разменети и ставови за иднината на регионалната соработка, за регионалната и европската стабилност и безбедност како и за економскиот раст и напредок.