Владата денеска ќе ја одржи својата редовна, 66-та седница

MK

Во рамки на денешната 66-та седница на Владата на Република Македонија министрите ќе ја разгледаат Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата за 2019-та година и тоа:

  • развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
  • Република Македонија - членка на НАТО и ЕУ;
  • одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
  • јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
  • реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
  • реформи во правосудството;
  • целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија.

 

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на дневен ред на седницата се Предлог-законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за приватни агенции за вработување.

Дел од точките на 66-тата седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежни производи, предложен од министерството за економија и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, предложен од Министерството за финансии.

На дневен ред на денешната седница се и информациите за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.

Како точки за информирање, министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на средства од програмите за финансиска поддршка во земјоделството, руралниот развој и рибарство со аквакултура за 2017-тата година.

На предлог на Министерството за надворешни работи ќе бидат разгледани предлозите за отворање на почесни конзулати на Република Македонија во Турција со седиште во Едрене, и во Казахстан, со седиште во Алмати, со предлог одлука.

Пред министрите денеска ќе се најде и Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година.

Почетокот на 66-тата седница на Владата на Република Македонија е предвиден во 12:00 часот.