Министерот Роберт Поповски со директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН) Рената Шредер: Поддршката на слободно и професионално новинарство е одлика на демократско општество какво што создаваме

MK

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, денеска оствари средба со директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер, придружувана од Драган Секуловски, претставник на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое со Синдикатот на македонските новинари и медиумски работници (ССНМ) е дел од ЕФН.

Шредер на средбата, на министерот Поповски му изрази честитки за заложбата на владата за декларираните принципи за транспарентно и отчетно работење, како и за отворената и транспарентна комуникација со јавноста и медиумите, оценувајќи дека по повеќе од десет години, во Македонија се гледа нова политичка слика, каде медиумите имаат нов амбиент и можност професионално да работат, соработувајќи со државните институции.

Министерот Поповски заблагодарувајќи се на позитивните оценки, посочи дека концептот за отворена влада, која ги поддржува принципите на транспарентност и отчетност е со цел да им покаже на граѓаните како се трошат нивните пари и додаде дека Владата на Република Македонија поставува стандарди и за сите следни влади, со заложба да не се повторат грешките од минатото.

„Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, којшто подразбира демократизација на медиумскиот амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство, бидејќи тоа е одлика на едно демократско општество какво создаваме“, рече Поповски.

Тој ја информираше Шредер дека владата има создадено реален сектор за комуникација и преку редовните прес конференции граѓаните редовно се информираат за сите одлуки кои се носат на редовните седници.

Директорката на најголемата организација на новинарите во Европа, која претставува повеќе од 320.000 новинари во 71 новинарски организации низ 43 земји, се согласи и даде поддршка на министерот Поповски, кој оцени дека актуелната Влада се заложува за „нула толеранција за било каков обид за напад, притисок или закана врз новинарите и медиумите, за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“.

Тој, додаде дека покрај она што го прави Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, потребно е и другите институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално професионално во било кој напад или закана против медиумски работник.

Со претставничката на најголемата новинарска асоцијација, министерот Поповски разговараше и за процесот за реформите и за работата на телата кои ги финишираат измените на законската регулатива во оваа сфера.

Тој нагласи дека особено внимание во овој дел се посветува на законските измени кои се однесуваат на Македонската радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, регулирана преку Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој е во собраниска процедура.

Министерот Поповски повтори дека за донесување на оваа законска регулатива јавно е поканета и опозицијата да се вклучи за да може да се обезбедат услови за професионален јавен сервис, како и департизација и професионализација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел почитување на професионалните стандарди од страна на сите медиуми.

Директорката Шредер позитивно ја оцени и изразената целосна поддршка на Владата за истражувачкото новинарство, како и понудената можност да се отвори дебата, доколку припадниците на медиумската фела и здруженијата сметаат дека треба да се воспостави регулација за онлајн медиумите и порталите.

„Што помалку регулација е подобро – што повеќе саморегулација е уште подобро. Од тој аспект владата дава целосна поддршка, но не ни помислува да се меша во регулирање на оваа професија“, додаде министерот Поповски.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски, и директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер, ќе учествуваат на Петтата годишна конференција за медиуми во Југоисточна Европа, која на 10 и 11 мај ќе се одржи во Струга, во организација на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во соработка со теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.