МТСП: Охрабрувачки резултати од Гаранцијата за млади, за два месеца вработени 123 млади лица во трите пилот општини

Во насока на промовирање на целите и можностите што ги нуди проектот Гаранција за млади, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе се обрати на Отворениот ден со млади невработени лица, кој ќе се одржи денеска (вторник, 15 мај 2018) со почеток во 17 часот, во Домот на АРМ во Струмица. На настанот ќе се обратат и градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски,претставници на Младинскиот совет Струмица, Националниот младински совет на Македонија и Агенцијата за вработување на Македонија.

 

 

Гаранцијата за млади започна да се имплементира во март 2018 година како пилот проект во три општини: град Скопје, Гостивар и Струмица и планирано е да трае во текот на целата година. Врз основа на анализа на постигнатото во пилот фазата, проектот ќе се се имплементира на целата територија на Република Македонија. ГМ има за цел на млади лица од 15 до 29 години,  во период од четири месеци, да им обезбеди шанса за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Гаранцијата за млади е проект на Владата на Република Македонија со цел да се изгради системски пристап во решавањето на проблемот со невработеноста.

Првичните резултати од пилотирањето на проектот се охрабрувачки. За само два месеца, речиси 700 млади од 15-29 години се вклучиле во Гаранцијата за млади.  За 640 од нив, направен е индивидуален план за вработување, 220 веќе биле вклучени во други услуги за вработување како што се: мотивациски обуки, обуки за барање работа, професионална ориентација и кариерно советување. Од пријавените, 123 млади лица веќе се во работен однос, а од останатите 60% аплицирале за некои од програмите/ мерките за вработување како на пример: 59 во Програмата самовработување со грант, 86 во Програмата за субвенционирање на плати, 73 во Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, 73 во Практикантство и сл. 

Проектот се спроведува од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.