Поврзување на Македонија, регионот и Унијата: Премиерот Заев ја предводи владината делегација на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на 17 мај ќе учествува на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, земја претседавач на Европскиот Совет.

Премиерот Заев, во придружба на Заменикот претседател на Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи и Министерот за надворешни работи во Владата Никола Димитров, ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Connectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на владите и на држави, со највисоките претставници на телата на Европската Унија, ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

За време на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан во Софија, премиерот Заев ќе има билатерални средби со повеќе премиери и шефови на држави.

Планирани се билатерални средби со Претседателот на Франција Емануел Макрон, со Канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте.

Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас.

За време на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, е предвидена и средба на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас.

Премиерот Зоран Заев е поканет да учествува и да земе збор и на повеќе други активности и конференции кои се одржуваат паралелно со Самитот на ЕУ во Софија.

Претседателот на Владата на РМ Заев на 16 мај ќе се обрати на конференцијата „Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии (Center for the Study of Democracy и Балканскиот европски Фонд (The European Fund for the Balkans), како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (PES).

За време на престојот на премиерот Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, Извршна директорка на Светска Банка. 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, заедно со Заменик претседателот во Владата на РМ, задолжен за координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев, на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, Република Бугарија.