Средба на премиерот Заев со британската премиерка Меј во Скопје: Поддршка од Велика Британија за евро-атлантските интеграции на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнето во Скопје се сретна со Тереза Меј, премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Британската премиерка Меј во изјавата на заедничката прес конференција со премиерот Заев рече дека нашата земја е дел од Европа и дека е интерес на сите тоа така да биде. Премиерката Меј порача дека државава може да смета на поддршката на Велика Британија, посочувајки на напредокот што го постигна Македонија по промените, и, како што рече, пружањето рака кон соседите, ангажирањето околу решение, што ќе биде придобивка на тој пат. Британската премиерка посочи дека Велика Британија помага со воени експертизи на Македонија и во одбранбената стратегија, а посветеноста на регионот ја покажува и со престојниот Самит што ќе се одржи во јули во Лондон, посветен на економијата, но и на политички и безбедносни прашања. Таа додаде дека Велика Британија останува посветена на безбедноста и сигурноста на Западен Балкан, како и на справувањата со предизвиците како што се организиран криминал, миграцијата. Премиерката Меј ја оцени поставеноста на Македонија во случајот Скрипал како зајакнување на пријателството со Велика Британија и додаде дека тоа пријателство никогаш не било поблиско од сега. Исто така, Премиерката на Велика Британија дополни рече дека е горда што е прва премиерка што во изминатите 25 години ја посетува нашата земја.   

Претседателот на Владата, Заев, на заедничката прес конференција со премиерката Меј, во изјавата за медиумите оцени дека денешната посета на британската премиерка, прва после долго време од ваков карактер, на британски премиер “е круна на долгогодишното партнерство и пријателство“ на Македонија и Велика Британија. 

Поради тоа, премиерот Заев изрази искрена благодарност од име на граѓаните и на Владата на Република Македонија, до премиерката Меј и до граѓаните на Велика Британија, “за искрената, долгогодишна, принципиелна, пријателска и мотивирачка поддршка што Велика Британија ѝ ја дава на Република Македонија веќе 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи“.

-Сакам да порачам, како премиер и во име на Владата на Република Македонија:

Ќе продолжиме да даваме причини: низ демократските, реформските процеси, низ добрососедството и меѓународната соработка за клучни прашања, како што е обезбедувањето на регионалниот и светскиот мир – да ги одржуваме и да ги унапредуваме билатералните односи со Велика Британија и да го добиеме заслуженото место, како држава, во семејствата на демократиите, НАТО и ЕУ, рече премиерот Заев. 
 
Претседателот на Владата Заев, додаде дека доаѓањето на британската премиерка Меј во Македонија “е во клучен момент за нашата држава и нашите граѓани, кога се поставува темелната одредница кон ЕУ и НАТО“. При тоа изрази почит за пренесената порака од премиерката Меј, “на поддршка на нашите стратешки цели, членство во НАТО и во ЕУ“.

Премиерот Заев го посочи значењето на евро-атлантските интеграции на Македонија, но и за регионот. 

-За граѓаните и за Македонија, евро-атлантските значат економија и перспективи. Но за регионот, за ЕУ и за светот значат стабилност и безбедност - значат спречување, други фактори да застанат на патот на ваквата заедничка иднина, што е интерес на сите, порача премиерот Заев. 

Тој дополни дека присуството на премиерката Меј во Македонија е потврда дека Велика Британија останува заинтересирана и ангажирана во напредок на регионот и изрази убедување дека Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи во јули во Лондон, ќе биде уште една потврда на позитивните инструменти на регионалната соработка на Западен Балкан во економијата, транспортот, безбедноста и интеграциите.

Претседателот на Владата, Заев потсети дека “успеавме Македонија, од “заробена држава“ да ја поставиме во “функционална демократија“, преку определбата да ја градиме во Едно општество за сите, со еднакви шанси за сите, со добри меѓуетнички односи и инклузивност со сите политички чинители во државата и со граѓанскиот сектор. Премиерот рече дека овој исчекор и реализацијата на реформскиот План 3-6-9 се вреднувани од ЕУ, со чистата, неусловена препорака и најави спроведување и на новиот План 18, “што се фокусира, до 2018 година, на зајакнување на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата“. Исто така, претседателот на Владата укажа и дека “во мигрантската криза во 2015 година се поставивме како доверлив партнер на ЕУ, дека со учеството во заедничките мисии се покажавме како лојален и сигурен партнер на НАТО и дека неодамна, во случајот со Скрипал покажавме дека знаеме да бидеме со нашите партнери и пријатели во најтешките моменти".