Министерот Николовски: Македонија дава силен придонес во процесите на зачувување на пчелите, како важна гранка за земјоделството и животната средина

Пчеларството е гранка која има важен придонес во земјоделскиот сектор и во зачувување на животната средина, што Владата на Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е силно посветена на развојот на оваа значајна гранка, порача министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во денешното обраќање на меѓународната министерска  конференција „Значењето на пчелите и другите опрашувачи за одржливо земјоделство и безбедност на храна“, во Брдо при Крањ, Република Словенија.  Оваа конференција се одржува по повод денешниот „Светски ден на пчелата“, а по под покровителство на словенечкото Министерство за земјоделство, шумарство и храна.

Министерот Николовски посочи дека Македонија се одликува со сопствен автохтон род пчели, а бројот на пчелини семејства денес е проценет на околу 90.000.

Земајќи ги предвид важноста и бенефитот на пчеларството, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е силно посветено на развој на оваа земјоделска гранка. Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како партнери, ќе дадат силен придонес во процесите на зачувување на пчелите, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка“,  изјави Николовски.

Во своето обраќање, министерот Николовски се осврна на долгата традиција што ја има пчеларството во Македонија, која се одликува со сопствен автохтон род пчели. Преку Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, МЗШВ создава институционална поддршка за пчеларството. Со цел модернизирање на процесот и зголемувањето на пчелните семејства и целокупниот капацитет на пчеларскиот сектор достапни се и мерки од Програмата за рурален развој и ИПАРД фондовите.

На конференцијата на која што присуствуваат министри за земјоделство од цел свет, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ги повика државите да сторат повеќе за да ги заштитат пчелите и другите  опрашувачи или во спротивно, да ризикуваат пад на разновидноста на храната. Од ФАО предупредија дека пчелите се под голема закана од комбинираните ефекти на климатските промени, интензивното земјоделство, пестицидите, загубата на биодиверзитетот и загадувањето. Со Светската здравствена организација, ФАО го разви Меѓународниот Кодекс  на управување со пестициди, што обезбедува најдобри практики кои можат да помогнат во намалување на изложеноста на опрашувачите на пестициди.

Министрите на конференцијата усвоија декларација со која меѓудругото заеднички се обврзуваат за преземање на мерки за поддршка и заштита на пчелите и на другите опрашувачи, како и подигање на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачите во зголемување на приходите од земјоделство и зачувување на животната средина.  На конференцијата беше заклучено дека одржливите земјоделски практики, а особено агро-екологијата, можат да помогнат во заштитата на пчелите преку намалување на изложеноста на пестициди.

Во рамки на официјалната посета на Словенија, министерот Николовски го покани словенечкиот министер за земјоделство, шумарство и храна, Дејан Жидан да присуствува на завршниот настан во Македонија за проектот за Локалните Акциски групи (ЛАГ), за што изминатиот период словенечкото министерство за земјоделство испрати експерти во  МЗШВ кои помогнаа за регистрирањето и финансирањето на ЛАГ-вите. Локалните акциски групи за Македонија се важни за регионалниот рурален развој како алатка која ги спојува земјоделските производители, здруженијата, локалните власти и приватниот сектор