Министерот Роберт Поповски и претседателот на ЗЕЛС Шилегов: Препорачавме Алатката за отчетност да се применува и за носителите на јавните функции во локалната власт

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и Петре Шилегов, претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) денеска во просториите на ЗЕЛС имаа работна средба на која разговараа за можностите, Алатката за отчетност која Владата ја применува за службените трошоци на министрите и другите носители на јавни функции, да се применува и во рамки на локалната власт.

Министерот Поповски по состанокот со првиот човек на локалните самоуправи во Република Македонија, изјави дека разговарале за  активната транспарентност на Владата и обврските кои ги имаат претседателот на Владата, вицепремиерите, министрите, замениците-министри, Генералниот секретар на Владата, државните секретари на Министерствата, како и укажувањата кон директорите и замениците на јавни претпријатија за објавување на службените трошоци.

„Ја презентиравме Алатката за отчетност со надеж дека ваквиот вид на транспарентност и отчетност за трошењата на функционерите, кои имаат можност да располагаат со парите на граѓаните, ќе биде применет и на ова ниво и очекуваме да биде реализирано“, истакна министерот Поповски во врска со препораката за отчетност на градоначалниците, секретарите на општините и претседателите на општинските совети. 

Министерот Поповски, додаде дека со оглед на очекувањата и огромниот интерес на јавноста да знаат како се располага со нивните пари, верува дека сите први луѓе на општините ќе прифатат да ја пополнат Алатката за отчетност и јавно ќе ја презентираат.

„Транспарентноста е многу значајна, 11 години во Македонија се молчеше, се таеја информации, препораката на оваа Влада, но и нејзината суштина и стратегија е дека транспарентноста и одговорноста во владеењето е суштина на секоја власта“, рече Поповски.
Претседателот на Управниот одбор на ЗЕЛС и градоначалник на град Скопје, Петре Шилегов, по работниот состанок изјави дека од досегашните средби со колегите од општините , може да ја пренесе генералната заложба на сите локални власти за транспарентно работење, отчетност за сработеното, но и за потрошеното.

„Од тој аспект несомнено е дека го прифаќаме овој начин на одговорност пред нашите граѓани за трошењето на нивните пари“, подвлече Шилегов изразувајќи целосна поддршка на актуелната Влада во насока на транспарентното трошење, јавност и отчетност на сите јавни функционери во земјата.

Тој нагласи дека очекува тоа да биде прифатено како став и  во рамки на Управниот одбор на ЗЕЛС и ќе биде отворена поширока дискусија во рамките на телата и органите на ЗЕЛС за примената на електронската алатка.