Средба на премиерот Заев со израелскиот амбасадор Орјан: Пријателските односи меѓу двете земји се зацврстуваат преку безбедносната и економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Израел во Република Македонија Дан Орјан, придружуван од почесниот конзул Градимир Шумковски.
 
На средбата беше констатирано дека Република Македонија и Израел негуваат блиски пријателски односи и имаат добра економска соработка.
 
Премиерот Заев и амбасадорот Орјан на средбата изразија сериозна подготвеност во претстојниот период осoбeно внимание да биде посветено на интензивирањето на соработката во областа на  безбедноста, новите технологии, енергетиката, земјоделството и управувањето со водите, како и во областа на здравството и туризмот.
 
Двајцата соговорници со задоволство ја констатираа зголемената заинтересираност на израелските компании за инвестирање во Република Македонија. Премиерот Заев посебно го истакна искуството на Израел во областа на технолошкиот развој и иновациите, искуството на стартап компаниите кои отвораат големи можности за отворање нови работни места за граѓаните.
 
Амбасадорот Орјан се заблагодари за грижата на Република Македонија за еврејската заедница и за поддршката на многу проекти наменети за заштита на еврејската култура и традиција во земјата. 
 
Беше истакнато одбележувањето на 75. годишнината од Холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна со активности во Битола, Штип и Скопје, каде, покрај претставници на Владата на Република Македонија и премиерот Заев, присуствуваа и бугарскиот премиер Бојко Борисов и претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, со нивни делегации. 

На состанокот беше споменато и успешната реализација на Хакатон-Биталонот, кој во Битола, на иницијатива на израелскиот амбасадот Орјан,  а во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, беше организиран со цел преку иновативни решениија на младите да се раскаже една значајна историска приказна за Македонија и Битола.