Шекеринска – Бошковиќ: Македонија заслужува да биде следната членка на НАТО

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска денеска во рамки на посетата на Црна Гора имаше официјални средби со министерот за одбрана Предраг Бошковиќ, како и со претседателот  Мило Ѓукановиќ и шефот на парламентот, Иван Брајовиќ. 

На средбата со црногорскиот министер за одбрана беше заклучено дека Македонија и Црна Гора имаат исклучителна блиска одбранбена соработка која ќе продолжи да се развива и во иднина. Министерката Шекеринска се заблагодари за големата поддршка која Македонија ја добива од Црна Гора за членство во НАТО и истакна дека Македонија презема решителни чекори за домашни реформи, но и за решавање на долгогодишниот спор со Грција.

Министрите заклучија дека брзата евроатлантска интеграција ќе влијае на зацврстување на мирот и безбедноста и ќе отвори пат кон економски развој и просперитет на целиот регион.

„Македонија го заслужи членството во НАТО со бројните реформи. Нашето членство носи стабилност за целиот регион“, рече министерката по средбата. Таа додаде дека одлуката на НАТО за прием на Црна Гора покажа дека политиката на отворени врати функционира.  Рече дека таа одлука за нас е потсетување и инспирација. Потсетување декадржавите може да испуштат или да создадат историска шанса и инспирација дека високите  амбиции на малите држави може да се реализираат.

Министерот за одбрана на Црна Гора рече дека односите меѓу Црна Гора и Македонија се пример за соработка во регионот. Тој додаде дека двете држави делат заедничка иднина и дека Црна Гора сака да ја види Република Македонија како членка на НАТО.

„Црна Гора смета дека Македонија заслужува да биде следната членка на НАТО, тоа придонесува за стабилноста на регионот“, рече тој.

Министерот Бошковиќ посочи дека двете држави имаат одлична соработка изразена преку конкретни активности како што се заеднички  вежби за одговор во кризи и вежби за планинско војување, како и преку придонесот на двете држави во глобална безбедност во меѓународните мисии.

Министерката Шекеринска во Црна Гора се сретна и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ.

На средбите соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи и истакнаа дека тие треба да бидат пример за соработка во регионот. Притоа е изразена целосна поддршка за членство на Македонија во НАТО и натамошно стабилизирање и развој на регионот.