Министерот Бектеши оствари посета на компанијата Ука Комерц, која доби субвенција за микро, мали и средни претпријатија: Компаниите задоволни од мерките за поддршка на бизнисот

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во посета на компанијата УКА Комерц, како една од фирмите која доби финансиска поддршка за мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво  2018 година. УКА Комерц,  како еден од лидерите во индустријата за производство на сувомеснати производи во Македонија, на јавниот повик ги исполни условите и доби субвенција за 300.000 денари. 

„Овој реномиран производител поддршката ја искористи за надомест на средства за набавка на нова машина од Холандија, која согласно доставените документи ги чинеше речиси тројно повеќе. Ова е уште еден показател дека УКА Комерц постојано вложува во своето работење и среќен сум што успеваме барем малку да помогнеме во развојот ваквите успешни компании, кои истовремено активно ги следат нашите мерки“, истакна Бектеши. 

УКА Комерц, во своето 27-годишно работење како семеен бизнис, ги исполнува сите стандарди на прехранбената индустрија и може да се пофали со меѓународни успеси како што е наградата за меѓународен златен квалитет,  награда за одржување на квалитетот во Виена во 2015 година, две меѓународни признанија од Рим и Женева. Дел од нивниот асортиман е присутен и на пазарот на скандинавските земји, на големо задоволство на дијаспората.   

„Овој пример треба да го следат и другите наши компании, и во делот на инвестиции, новитети, квалитет, освојување на нови пазари, но и во делот следење и користење на владините мерки, бидејќи успешните параметри на овие компании значат и економски раст и успех на нашата економија“, рече Бектеши.

Еден од сопствениците на УКА Комерц, Адем Абази, се заблагодари за посетата на министерот за економија и за финансиската поддршка, особено што и минатата година оваа компанија аплицираше и доби поддршка  за воведување и сертификација на ХАЛАЛ систем, кој е посебно значаен за освојување на нови пазари за прехранбената индустрија.

„Со субвенцијата набавивме машина за конзервирање, која ќе значи и отварање на нови вработени за ракување со неа и нов процес во работењето на компанијата. Ние активно ги следиме владините мерки и мерките од Програмата од Министерството за економја, кои се скроени за потребите на компаниите и искрено се надеваме дека оваа наша соработка ќе продолжи, бидејќи ваквата поддршка е многу значајна за развој на бизнисот“, изјави Абази. 

Инаку, по јавниот повик за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија  (до 300.000 ден.),  за која беше обезбеден буџет од 20 милиони денари, досега аплицирале 146 компании. До Комисијата за разгледување на овие барања доставени беа 105 апликации, од кои 81 се одобрени, а 9 се одбиени поради неисполнети услови. Останатите 56 барања пристигнаа по исцрпување на средствата, согласно принципот по кој се реализираше мерката – „прв дојден, прв услужен“.  Решенијата за исплата на субвенции се веќе испратени до 81 компанија.