Дијаспората е ресурс на јавната дипломатија кој треба да се стави во функција на Република Македонија

Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денес учествуваше на панел дискусија во рамки на Меѓународната конференција „Дијаспора, дипломатија и развој”, организирана од страна на Институтот Клинтон, дел од Универзитетскиот колеџ Даблин.

Министерот Адеми во своето обраќање пред присутните на меѓународната конференција ја истакна важноста на улогата на дијаспората во дипломатијата, и изјави дека и двете денес во време на глобални движења и динамични меѓународни односи, се предодредени да работат заедно во промоција на интересите на Република Македонија и нејзино позначајно позиционирање во меѓународните односи преку активна јавна дипломатија.

Министерот Адеми испрати порака дека иднината на соработката меѓу државите во различни области од заеднички интерес, особено во областа на дијаспората, покажува сериозност на нашите држави и дека кога има визија и добра волја сите активности даваат резултати во полза на нашите граѓани и дијаспората насекаде, каде и да се.

На конференцијата се разговараше како мобилноста и поврзувањето на дијаспората можат да бидат динамичен извор на иновации и креативност во многу области, обезбедувајќи свежо знаење и креативно водство кое може да обезбеди решенија за предизвиците на глобализацијата.

За време на дискусијата исто така се истакна и дека има постојан пораст на владини канцеларии и агенции кои ја ангажираат дијаспората, често како агент за развој, којшто генерира специфични политики и стратегии за ангажирање, и дека оваа активност ги проширува дипломатските капацитети и одговорности на националните држави во однос на нивните иселеници и нивните потомци.