Премиерот Заев на средба со премиерот на Малта, Мускат: Малта целосно ја поддржува Република Македонија во евро-интегративните процеси

На средбата во Палатата Кастиља премиерот Заев беше придружуван од Министерот за здравство Венко Филипче, од државниот секретар во МНР Виктор Димовски, како и од Посебниот советник за надворешна политика Дане Талески. 
 
Во делегацијата на премиерот Џозеф Мускат на средбите беа присутни и Крис Ферни, Заменик претседател на влада и министер за здравство, Хелена Дали, Министер за европски прашања и еднаквост, како и Министерката за надворешни работи и трговија, Хон Кaрмело Абела.
 
Премиерот Заев на билатералната средба ги информираше домаќините за интересот на Република Македонија да отвори можност за конзуларни услуги во Валета со цел да им се олесни комуникацијата на големиот број граѓани на Македонија кои работат во Малта.
 
Пренесен е и ставот на македонската влада доколку после извесен период работата на конзуларното претставништво добие на интензитет, истото да прерасне во генерален конзулат.
 
По завршувањето на билатералната средба, премиерите Заев и Мускат потпишаа Договор за заемно признавање на дипломите и сертификатите од високото образование меѓу Република Малта и Република Македонија.
 
Државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и неговите колеги Антони Вела од Министерството за образование и Фиона Формоса од Министерството за надворешни работи на Малта, ги потпишаа документите Рамката за билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Малта, како и Меморандум за разбирање за заемна соработка меѓу Медитеранската академија за дипломатски студии при Универзитетот на Малта и Директоратот на дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Република Македонија. 
 
На билатералнаа средба во Палатата Кастиља двете делегации разговараа за можноста од остварување на подлабока институционална соработка меѓу институциите на двете земји.
 
Владата на Малта како земја членка на Европската унија изрази целосна поддршка за Република Македонија во насока на забрзување на евро-интегративните процеси, потенцирајќи го значењето на реформите кои ги спроведе владата во последната година.