Премиерот Заев и министрите на прес-конференција по повод една година Влада на РМ: Година на промени за просперитетна земја за сите граѓани

Во дворот на Владата на Република Македонија, пред споменикот на ослободителите, премиерот Заев и министрите во владата, одржаа прес-конференција по повод една година од работата на Владата на РМ.

Експозе за остварувањата на владата за изминатите 365 дена, пред медиумите и пред јавноста во Република Македонија имаше Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, кое во ова соопштение ви го пренесуваме во целост:

Со кренат глас, со одлучна акција и на избори, граѓаните на Македонија ја ослободија својата држава, која беше заробена од режимот што ја третираше како приватна сопственост.

Со ослободувањето на државата, заедно се вложивме да ја градиме Македонија таква каква што ја сакаме, веднаш, како земја за која копнееме. Затоа, во име на граѓаните на Република Македонија, се вложивме да направиме – ПРОМЕНИ!

Затоа денеска, една година подоцна велиме дека зад нас е: ЕДНА ГОДИНА ПРОМЕНИ – ПРОМЕНИ СО КОИ МАКЕДОНИЈА ЈА ГРАДИМЕ ДА БИДЕ ЗЕМЈА ЗА СИТЕ СВОИ ГРАЃАНИ.

Ја кренавме Република Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на пет столба. На столбовите за Економски раст, на столбот - Реформи, на столбот за Услужни институции, на столбот Едно општество за сите, и на столбот на нашите стратешки интереси - Членство во НАТО и Европската Унија.

365 промени во 365 дена, почитувани граѓани.

Го променивме економскиот курс на државата. Македонија е земја на економски раст и раст на плати. Повеќе пари одат кај граѓаните, за подобар живот. Спроведуваме коренити и брзи промени и на тој начин градиме држава по европски правила. Се грижиме, за да има квалитетни услуги достапни за сите граѓани, бидејќи секој во Македонија е важен.  Носиме промени и ја градиме Македонија како едно општество, едно семејство за сите. Македонија е семејство во кое сите се граѓани од прв ред. Ама сите. И конечно, чекориме заедно и одлучно кон НАТО и ЕУ.

Решаваме спорови и при тоа го јакнеме идентитетот.

Промените ги започнавме со мерките од Планот за економски раст. ЕКОНОМСКИ РАСТ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ ЗА СИТЕ! Приоритет што создаде услови за ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ!

Овие мерки добија приоритет затоа што граѓаните го бараа тоа од нас.

90 илјади граѓани денес земаат повисока минимална плата. Најмалку 2000 денари повеќе, секој месец. Просечната плата во Македонија е повисока за 5,6 отсто во споредба со истиот период лани.

Со мерките од Планот за економски раст, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата.

Во Буџетот за 2018 година определивме 3,1 милијарда денари за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе од средствата за таа намена во однос на 2017 година.

Вкупниот буџет за мерките за поддршка на малите и средни претпријатија изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра.

Најавивме и остваривме промени и во делот на странските инвестиции: Обезбедивме 16 странски инвестиции од вкупно 200 милиони евра за една година. Предвидени се 2750 вработувања од овие 16 инвестиции. Потрошени се нула (0) денари пари на граѓаните. За претходните 11 години беа потрошени 250 милиони евра за 23 странски инвестиции.

Дополнително, соопштена ми е одлука за инвестиции од 100 милиони евра за стаклара во Република Македонија, следна одлука од 60 милиони евра за фабрика за ладно валање, и уште една инвестиција од 80 милиони евра за фабрика за цигари. Сите гринфилд инвестиции. Ќе има уште многу домашни и странски инвестиции во периодот што доаѓа пред нас.

Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата свесни сме дека граѓаните се акционери на промените. Ним треба да им ги испорачаме резултатите!

А граѓаните ги чувствуваат промените, бидејќи ги враќаме парите, токму кај нив.

СТРУЈАТА ПОЕВТИНИ. НЕМА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА. ПОРАСНАА СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ.

Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот од 217 денари по килограм на задоволство на 30.000 семејства кои живеат од тутунот. Тоа се повеќе од 100.000 граѓани.

Грозјето, индустриските и есенските и зимски култури лани поминаа добро и со пласман и со цените. Зелката, доматите, краставиците се продаваат по пристојни, задоволителни цени.

Задоволни се земјоделците многу повеќе од порано.

Земјоделството го правиме атрактивно и за младите. 424 млади земјоделци добија грантови од по 10.000 евра за да започнат сопствен агро-бизнис.

На сите земјоделци, на кои земјоделството им е основна дејност и имаат приход до 1 милион денари во тековната година, персоналниот данок ќе им биде во целост вратен.

Тоа значи дека речиси 65 илјади земјоделци добиваат поврат на персоналниот данок. Со оваа мерка околу 7 милиони евра повеќе пари ќе останат кај земјоделците.

Ние се определивме за реални проекти кои го подигаат растот, а не на проекти за споменици и фасади. И тоа е промена.

Се градат нови 800 километри брзи и безбедни патишта за кои се обезбедени 270 милиони евра. Коридорот 10 сега е целосен. Се градат железниците од Коридорот 8. Се одвиваат градежните работи за гасификацијата. Граѓаните од 34 општини ќе добијат водовод и канализација и со тоа покриваме 40% од населените места за разлика од досегашните 18%. Тоа е уште една суштинска промена.

Голем е бројот на мерки за промени. Не се добројува. Затоа, „365 промени за една година“ е документот на веб страната на Владата кој од денеска е пред нашата јавност како темелен извештај за едногодишната работа во интерес на граѓаните.

Првите значајни промени ги направивме со сеопфатните и структурни РЕФОРМИ. Според точно предвидениот тајм лајн. Спроведовме БРЗИ И КОРЕНИТИ ПРОМЕНИ – ЗА ДРЖАВА ПО ЕВРОПСКИ ПРАВИЛА.

Оваа Влада се заложи својата работа да ја темели  на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

Отворена влада, наместо влада која крие. Сите податоци и трошоци на увид на граѓаните.

Факт се промените во медиумската сфера во Македонија. За прв пат после една деценија, медиумските работници се ослободени од политички притисоци. Наместо брутални напади врз слободата на медиумите - Денес има ГЛАСНОСТ, наспроти МОЛК. И треба да има.

Издејствувавме темелни промени во правосудниот систем.

Новата Стратегија за реформа на правосудниот сектор е патоказ по кој ќе се движат реформите во правосудниот сектор, за враќање на довербата во институциите, за обезбедување правна сигурност и за заштита на правата и слободите на граѓаните.

Нема веќе притисок врз судиите. Усвоени се закони и измени на законите за судови, сведоци и укажувачи. Судските процеси се отворија пред граѓаните.

Го зголемивме бројот на електронски услуги. Применуваме современи информатички технологии и дигитализација за обезбедување побрзи, поедноставни и лесно достапни услуги за граѓаните. Спроведуваме политики за професионална јавна администрација како сервис за граѓаните.

Во делот на реформа на полицијата, воспоставивме независен надворешен механизам за контрола на работењето на полицијата.

Промените се најдлабоки во делот на безбедносните и разузнавачките служби. Во интерес на гарантирање на законитоста, заштитата на човековите права и безбедноста на државата и граѓанинот и за враќање на довербата во системот.

Со новата Стратегија за образование 2018-2025 воведуваме - образование без притисок, образовение кое учи.

Учениците, родителите, наставниците и професиорите се едни од првите сведоци на промените. Укинато е екстерното тестирање, ја ревидираме Кембриџ програма. Внесуваме промени со помалку часови и помалку предмети за учениците, и нов закон за високо образование.

Грижата за сите наши граѓани e на врвот на приоритетите на оваа Влада. СЕ ГРИЖИМЕ И ОБЕЗБЕДУВАМЕ КВАЛИТЕТНИ УСЛУГИ, ДОСТАПНИ ЗА СЕКОГО. ЗАТОА ШТО СЕКОЈ Е ВАЖЕН.

Околу 50 проценти од лековите на рецепт од оваа пролет се со намалена цена. Со тоа заштедуваме 2.4 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните.

Преку заштедите се овозможува проширување на позитивната листа на лекови за терапии за други, дополнителни, дијагнози.

Европските стандарди во грижата особено ги применуваме во социјалната сфера.

Со Законот за стечајци го затворивме наследениот проблем на сите стечајци во земјата. После 20 години заборав, решено е животното прашање на 5.000 стечајци.

Ја започнавме имплементацијата на Младинската гаранција за зголемен опфат и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот.

За првпат во нашата земја се применува програма за персонална асистенција на лица со попреченост, за прв пат имаме програма за ослободување од здравствена партиципација за деца од семејства-корисници на социјална помош.

Обезбедивме нови 300 вработувања во центрите за социјална заштита и во градинките. Воведовме двосменско работење на градинките. Самохраните родители се ослободени од плаќање надоместок во градинки.

Ја вративме довербата во полицијата. Заврши полициската држава. Сега полицијата е заштитник и пријател на граѓаните, а маалскиот полицаец, позорникарот, е пријател од соседството. Улиците стануваат повторно безбедни за сообраќај. Промената е во тоа што СЕ ГРИЖИМЕ, поедеднакво за сите.

Ги создаваме сите услови за обезбедување на уставната гаранција за Република Македонија како социјална држава на еднакви граѓани: ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ, ЕДНО СЕМЕЈСТВО ЗА СИТЕ. ДРЖАВА ВО КОЈА СИТЕ СЕ ГРАЃАНИ ОД ПРВ РЕД. ДРЖАВА ВО КОЈА ЗАКОНОТ ВАЖИ ЕДНАКВО ЗА СИТЕ.

Завршија политиките од минатото што стимулираa нетрпеливост. Нема реваншизми, нема партиски поделби, нема етнички поделби.

Во таа насока го предложивме Закон за употреба на јазиците, со кој ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, согласно Уставот и Амандманот V.

Законот им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Воедно, законот целосно ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа.

Јас сум убеден дека тоа што се создава во Република Македонија како Општество еднакво за сите, е промена за трајна придобивка која што ќе направи земја од која сите ќе се гордееме.

А, нашата гордост е и нашето културно наследство. Затоа го штитиме културното наследство, а така го јакнеме и идентитетот.

Охрид останува град на УНЕСКО, Правописот на македонскиот јазик е бесплатен и достапен за сите. Ги заштитивме Курбиново, Скопскиот аквадукт и иконите во Музејот на Македонија.

Во ниту еден момент, пред ниту една пречка не застанавме кога станува збор за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ.

ЧЕКОРИМЕ КОН НАТО И ЕУ ЗА ПРАВЕДНА И ЕКОНОМСКИ СИЛНА МАКЕДОНИЈА.

РЕШАВАМЕ СПОРОВИ, ГО ЈАКНЕМЕ ИДЕНТИТЕТОТ.

Владата на Република Македонија ги продолжува разговорите со Владата на Република Грција. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо.

Македонски јазик е потврден. Идентитетот наш македонски е потврден.

Не е лесно ова прашање, но на Македонија и треба лидерство да исчекори напред, а не само празни зборови. Покажавме дека сме подготвени да водиме и затоа ве повикувам, приклучете се!

Рековме, ќе има референдум. Граѓаните го имаат конечниот глас на референдум. Но, граѓаните чекаат лидерство, а вистински патриоти денеска се тие што обезбедуваат иднина на граѓаните.

Сите знаеме дека Македонија после решавање на спорот околу името станува членка на НАТО. Решаваме 25-годишен спор којшто земјата ја влечеше надолу. Тргнавме напред.

Денес Македонија е пријател со соседите. Со сите пет. После потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија - трговијата меѓу двете земји порасна за 11.5%.

Ова е потврда дека регионот не смее да си дозволи нов циклус на враќање назад. Ова е борба во која на темелите од минатото градиме просперитетна иднина.

Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени и препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ, заради што Европската Комисија предложи кристално чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за Република Македонија.

Тоа значи дека Република Македонија се промени. Му покажавме на светот дека политичката криза е зад нас.

Сега, на граѓаните на Република Македонија им претстои да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја. Четврт Илинден. Историјата има важно место во нашите срца, но, ние граѓаните на оваа земја ја зедовме судбината во нашите раце и создаваме нова, судбина која гледа напред, во иднината. Иднина за Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани.

Во копнежот за една таква Македонија, во која граѓаните се ослободени од стравовите и предрасудите на минатото, ги вложуваме нашите пориви, сон и надеж за иднина во која нашиот идентитет се нашите граѓани, граѓаните на Македонија која е позната низ Европа и светот како мирољубива и просперитетна, пријателска и убава.

Земја и име Македонија, на кои секогаш се реагира со насмевка.