Премиерот Заев: Реализираните проекти на Царинскиот терминал Табановце се постигнување на повисоки стандарди во транспортот и царинското работење

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на комплетирањето на изградбата на објектите на Царинскиот Терминал Табановце настан кој воедно го одбележува и завршниот дел од кампањата на Европската Унија за придонесот кон подобрување на транспортот во нашата земја.

Новоизградените објекти на Царинскиот терминал Табановце се финансирани со средства од Европската Унија и со буџетски средства и претставуваат значаен исчекор кон подобрување на стандардите во царинското работење и за подобрување на транспортот.

 

 

„Рековме дека за граѓаните на нашата земја, паралелно со интензивирањето на евроинтеграциските процеси, создаваме услови Европа да ја донесеме тука. Станува секојдневие нашите граѓани да добиваат подобри услуги, во средина која се доближува до стандардите за работа и живеење на Европската Унија. Го пуштаме во употреба ново-реконструираниот инфраструктурен капацитет на граничниот премин Табановце, развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и за олеснување на трговијата и контрола, и ја стартуваме работата на Интероперабилниот информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ, односно - ја носиме  ЕУ, носиме високи стандарди на работа во нашата Македонија“, порача премиерот Заев во своето обраќање.

Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Семуел Жбогар во своето обраќање истакна дека овој настан ја заокружува кампањата на Европската Унија посветена на придонесот на ЕУ кон подобрување на транспортот во нашата земја и соопшти дека вкупните инвестиции на Европската Унија во транспортната инфраструктура на нашата земја изнесуваат 325 милиони евра.

 

 

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека  придобивката од овој систем е што  движењето на стоките кон и од ЕУ и ЕФТА државите отсега ќе се одвива со еден документ во електронска форма, што е заеднички прифатлив, а со тоа царинската постапка е компјутеризирана, многу пократка и поефикасна.

„За земјата е значајно да има ефикасна и ефективна Царинска управа. Таа е првата институција со која се сретнувате во земјата и дава слика за тоа како функционира системот. Затоа треба во континуитет да се работи на спроведување реформи за подобрување на квалитетот на нејзините услуги и оперативноста“, рече Тевдовски, и додаде дека ќе се работи и понатаму на поедноставување на постапките во интерес на граѓаните и бизнис заедницата и на зајакнување на капацитетите за борба против царински измами и финансиски криминал.

Целта е преку континуиран реформски процес Царинска управа да биде модерна институција која придонесува во креирањето на поволна бизнис клима и штитењето на интересите на државата.

 

 

На овој настан зборуваше и директорот на Царинската Управа на Република Македонија, Ѓоко Танаскоски кој изрази голема благодарност до Владата и до Европската Унија и му врачи плакета на амбасадарот на Европската Унија, Семуел Жбогар за огромниот придонес што Европската Унија го има во унапредувањето на стандардите во царинското работење.

„Денеска при одбележувањето на завршувањето на овој инфраструктурен проект, прв од таков вид реализиран со поддршка на фондовите на Европската унија и со кофинансирање на Владата на Република Македонија, во кој како краен корисник учествува Царинската управа, можам да заклучам дека придобивките од него се веќе видливи и директно влијаат врз транспортот на стоки и патници, како и прекуграничната и регионалната трговија“, истакна директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танаскоски.

Во завршницата на настанот премиерот Заев, министерот Тевдовски и амбасадорот Жбогар, заедно со другите гости, во придружба на директорот на Царинската управа Танаскоски, направија обиколка на обновениот Царински терминал Табановце и во разговор со царинските службеници се запознаа со нивните непосредни искуства во работењето со новиот Компјутерски транзитен систем како единствен и заеднички оператвен систем за царинско работење на земјите на ЕУ и на земјите членки на ЕФТА за заедничка трговија.