Премиерот Заев со министерот Сугарески и директорот Китанов на одбележувањето на изградбата на патот Штип - Радовиш: Градиме квалитетни патишта за да им служат на многу идни генерации

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов денеска го означија започнувањето на градежните работи за изградба на експресниот пат Штип – Радовиш.

Премиерот Заев и министерот Сугарески имаа прилика директно на терен да ги добијат сите потребни информации од надзорниот тим, од директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, изведувачот и тимот којшто работи на терен за текот на градежните активности.

 

 

„Се работи за делница од 40 км. Овој потег којшто сега е отворен како прва фаза од изградбата на оваа делница изнесува 27 километри“, соопшти премиерот Заев во своето обраќање кон медиумите и граѓаните во кое зборуваше за важноста и значајноста на изградбата на оваа патна делница за граѓаните и развојот на економијата во источниот и југоисточниот дел на Република Македонија.

„Очекуваме до крајот на годината да финишира изгадбата на автопатот Миладиновци-Штип од 47 км кој ќе се надоврза на ова патно решение од 40 км. И во иднина планираме проширување на патната делница од Струмица до бугарската граница што буквално прави поврзување на Скопје, Свети Николе, Штип, Радовиш, Струмица со бугарска граница. Една значајна артерија во Република Македонија која ќе овозможи брз проток на луѓе и стоки“, порача премиерот Заев, и потенцираше дека струмичкиот регион  има извоз од 120 милиони евра на раноградинарски производи, радовишкиот регион е некаде преку 40 милиони евра, штипскиот регион учествува во извозот со преку 100-тина милиони евра.

„Сето тоа е девизен прилив за граѓаните на Република Македонија и за билансната сметка на државата. Со едни вакви брзи делници кои ќе овозможат брзо пристигнување јас очекувам дека ќе се мотивира зголемување на  протокот на стоки и  зголемување на протокот на патници што е современа тенденција“, порача премиерот Заев и рече дека преку ваквите инвестиции се поддржува и капиталниот развој на државата.

Во тој правец премиерот Заев порача дека започната е градежна офанизава на неколку делници и дека паралелно се гради на проекти поврзани со железница, гасификација, а исто така  со обзебедени 110 милиони евра од средствата од ТАВ, од резервите на јавните претпријатија од околу 25 милиони евра, од нови кредитни линии со кои ќе се градат нови водоводи и канализации, нови градинки и училишта низ повеќе општини во Република Македонија.

Премиерот Заев му посака успешна работа на тимот на изведувачот Штрабаг и порача дека нивната работа е многу важна бидејќи ќе остават квалитетен пат кој ќе го користат многу идни генерации на граѓани од Република Македонија.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во својата изјава за медиуми ја истакна важноста на изгадбата на овој експресен пат и сподели информации за планираните активности во источниот регион на Република Македонијa.

 

 

„Владата на Република Македонија е исклучително посветена на одвојување на средства за источниот и југоисточниот регион. Во наредниот период планирани се 320 милиони евра за овој регион за изградба на патишта“, рече министерот Сугарски кој порача дека интензивно се гради на повеќе точки во Република Македонија на капитални проекти кои се однесуваат на железницата, гасификацијата, водоводи и канализации.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов детално го обајсни процесот и планираните активности поврзани со изградбата на овој експресен патен правец.

„За прв пат во Македонија изведувачот ќе има обврска по завршувањето на патниот правец да го одржува. Тоа претставува новина“ информираше директорот Китанов.

Тој рече дека во рок од три години се очекува комплетирање на двете фази од изградбата на овој патен правец со што граѓаните од источниот и југосисточниот регион ќе добијат на користење квалитетен и брз експресен пат.

 


 

Премиерот Заев: Работиме да постигнеме прецизност на договорот прифатлив за двете страни и тоа да биде причина да расте соработката меѓу граѓаните на Република Македонија и Република Грција

 

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на настанот посветен на одбележување на стартот на работите на екпсресниот пат Штип-Радовиш, одговараше на новинарски прашања кои ви ги пренесуваме во целост:

 

Во текот на вчерашниот ден имаше низа на шпекулации и информации дали сте имале телефонски разговор со грчкиот премиер Ципрас. Дали сте имале телефорнски разговор, и дали е вистина дека преговорите се закочени?

Премиерот Заев: Имаме некои технички работи кои треба да се решат. Јас сум од самиот почеток позитивен и оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението.
Штом се отстранат овие технички пречки, веднаш ќе се случи и телефонскиот разговор, и во најбрз можен рок ќе можеме да го објавиме сето тоа што е договорено, за да ги процесуираме понатаму во самите постапки.

Конечна цел ни е да стигнеме навремено пред сесијата на Европскиот совет, заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање на датум за отпочнување на преговори за Македонија.

Следните денови сме максимално фокусирани и посветени. Се работи за договарање, за членови од договори, за детали, што е важно, затоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени.

 

Имаше информации дека ќе се сретнете и во Преспа?

Премиерот Заев: Таму би требало да биде потпишувањето. Тоа е желба уште од Давос. Затоа премиерот Ципрас ја повторува. Јас само можам да ја потврдам. Секако, во овој момент тоа што го разговараа усно министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција треба да биде преточено во правен документ, треба одредени детали јас и премиерот Ципрас да ги одлучиме со сите наши аргументации. Јас сум поддготвен за тој разговор, знам дека и тој е подготвен.

Секако важно ни е како тоа ќе го објаснимена нашата македонска опозиција, за да има причина да ја повикаме да биде заедно со нас. Најважно е да им објасниме и на граѓаните на Република Македонија, но исто така, паралелно важно е, да им објасниме и на опозицијата во Грција како и на граѓаните на Република Грција.
Секој договор има крајни аспирации не само да отстрани некој проблем,туку да биде алатка за зголемување на пријателството помеѓ двата народи.
Јас верувам дека така ќе биде прифатено од двете страни и да биде причина да расте и интензитетот и соработката од секој аспект помеѓу граѓаните на Република Македонија и Република Грција.

 

Грчките медиуми сѐ погласно говорат за предлогот северна Македонија. Како го коментирате тоа?

Премиерот Заев: Јас нема да коментирам детали. Знаете дека сум внимателен за да оставам шанса да успее договорот. Веднаш штом ќе одлучиме за имињата, придавките, додавките, ќе им соопштиме веднаш на граѓаните.

 

За да не чекаме на шпекулациите од грчките медиуми, каде точно и што конкретно заглави?

Премиерот Заев: Не би зборувал за детали. Чувствително е. Не знам како тоа ќе го прифати грчката страна. Тоа се наши пријатели веќе. Довербата е голема, изградена, не би зборувал за деталите, затоа што тоа се работи кои треба ние да ги отстраниме, македонската и грчката страна.
Нема како поинаку да се отстранат.
Шпекулациите излегуваат од сите страни, кога работат повеќе луѓе на материјата на темата, за да може да се создадат тие околности за да може да се воспостави оваа телефонска комуникација помеѓу мене и премиерот Алексис Ципрас.

 

Ваш коментар за протестот на опозицијата вечерва?

Премиерот Заев: Опозицијата има право да си протестира. Мене ми е важно граѓаните што сакаат да приклучат стигнат безбедно на протестот. Секоја опозиција е важна и со своја улога во општеството. Јас внимателно ќе ги слушам пораките што ќе произлезат од протестот. Во нормална и демократска држава опозицијата е таа која што критикува, но и дава предлози како да унапредиме севкупното работење во Република Македонија.

 

Едно прашање за парите од ТАВ. Одреден ли е клучот по кој општините ќе можат да аплицираат за да дојдат до тие пари?

Премиерот Заев: Клучот е проектите. Секако за Штип има една клаузула повеќе зашто тука беше предвиден карго аеродромот кој, за жал заради несоодветните стандарди на теренот, ветровите, проценката за обемот на корисници и потрошувачи не гарантираше одржливост. Да имаше реални претпоставки ќе се рализираше. Договорот е уште од 2008 година и претходниците што управуваа со Македонија немале храброст да го соопштат тоа во јавноста. Сега правните служби веќе ги прават анексите за да може тие пари да се реалоцираат. Штом правно-формално тое ќе биде завршено, ние ќе ги разгледаме и одлучуваме за сите проекти што од овој регион се доставени, од Штип, Радовиш и другите места. Најмногу зависи од квалитетот на проектите, дали се комплетни, дали се со ревизии, дали може да се реализираат. Да потсетам дека се 45 милиони евра. Десет милиони од тие средства остануваат за унапредување на аеродромите во Охрид и Скопје. 35 милиони одат за водоводи, канализации, детски градинки и училишта, на кои ќе бидат додадени уште 25 милиони евра заштеди од јавните претрпијатија. Од ЈП Службен весник, од ЈП за метрологија, дивидендата од Телеко. Тоа се околу 60 милиони евра, кои заедно со резервоарот од 12 милиони евра од Министерство за транспорт и врски  и со кредитот што дополнително го земаме правиме една сума од околу 110 милиони евра. Заедно со буџетските пари тоа е еден добар фонд за училишта, детски градинки, водоводи, канализации. Целта ни е покриеноста со канализации и водоводи од 18% да ја кренеме на 40 отсто, пред сѐ во руралните средини.